Да се надмине љубовта кон принцезата Дајана и популарноста која таа ја имаше меѓу народот, но и медиумите е навистина тешко.

На Кејт Мидлтон ѝ успеа да стане новата (модна) икона на британското кралство, но после веста за свршувачката на принцот Хари и актерката Меган Маркл, изгледа ќе добие конкуренција.

И досега овие две дами биле споредувани, особено во поглед на стилот. Честопати имале толку слични стајлинзи, што беа резервирани за рубриките „Стилски двобој“ во разни медиуми ширум светот.

Но, ако подетално го анализирате стилот на актерката, ќе забележите дека тој е нешто посмел од оној на Мидлтон.

Карактеристично за Меган е тоа што не ги претпочита принтовите. Нејзините комбинации најчесто се еднобојни или колор-блок, но принтот многу ретко го вклучува во својот стил.

Може да се рече дека е една од актерките што ѝ даваат предност на скромноста и скриениот сексапил. Нејзините комбинации се честопати женствени и елегантни, а мистичноста е нејзиниот најголем секс-адут.

Со оглед на тоа дека има долга, убава црна коса, често ја носи пуштена или брановидна. Вистинска реткост е да ја видиме Маркл со коњско опавче или собрана фризура.

Фармерките и белата кошула се нејзината добитна комбинација, како и монохроматските комбинации.

Стручњаците од странските медиуми велат дека откако е со принцот Хари, нејзиниот стил е уште полежерен и поедноставен, што може да се толкува и како комплетна удобност во својата кожа и самодоверба.

Во една пригода Маркл изјави дека го претпочита францускиот стил, што подразбира лежерност и дотераност, што изгледа како и да не сте се труделе, а сепак изгледате беспрекорно.

Токму таков впечаток оддава и оваа девојка, која посебно си игра со модните додатоци.

Впрочем, најдобрата еволуција на нејзиниот стил можете да ја забележите преку фотографиите во рамки на текстот.

Објавено:
29 ноември 2017
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
3.379 пати