Секое утро најголем дел од времето губиме пред плакарот во потрага по совршената деловна комбинација што истовремено ќе биде уникатна, стилска и која ќе остави доволно впечаток.

Понекогаш се случува да немаме доволно инспирација, па во тие моменти ни е потребна некоја стилска дама која ќе ни покаже како на нов начин да ги комбинираме нашите постоечки парчиња.

Денеска ви претставуваме една ултра модерна девојка која работи како стилист во рускиот Вог, а нејзиниот стил е еден од поуникатните што сме ги виделе во последно време.

Ако веќе го разгледавте Инстаграм профилот на Мари Мик ќе видите дека таа е вљубена во едноставните парчиња што оставаат доволно силен впечаток за да бидете издвоени од толпата.

Носи парчиња во неколку бои, а се чини дека нејзини омилени брендови се Дрис Ван Нотен и сите парчиња од брендот Селин од времето на единствената Фиби Фило.

Речиси секогаш можеме да ја видиме во некои добри панталони што ѝ прилегаат одлично во комбинација со интересни блузи, кошули или маички на куси ракави.

Вљубена е во стилските палта, шик сандалите и секако модните додатоци и златниот накит.

Доколку некогаш ви треба инспирација за стилски деловен изглед или пак уникатна комбинација за свечена пригода, тогаш ова е вистинската девојка.

Фото: Instagram/Marie Mikh

Објавено:
22 април 2019
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
2.955 пати