Никогаш заборавена - Сашка Петковска

28 септември 2016

Нејзините евергрини „Бакни ме", „Чао, адио", „Пушти ме како птица", „Запри срце", „Никогаш никогаш", „Гриша", „Сеќавања", се лектири на македонската и југословенската поп сцена. Во 70-те години на минатиот век беше голема музичка ѕвезда, но и модна икона која остави богато музичко наследство зад себе.

Сашка Петковска-Липша е родена 1951 година во Битола, а трагично загина на 31 август 1983 година во сообраќајна несреќа заедно со уште тројца членови на нејзината балетска група „Авона", патувајќи на концерт во Свети Николе. Тогаш имаше само 32 години.

Група Авона

Имаше плодна кариера, безвременски глас, ѕвезда и харизма благодарение на која важеше за една од омилените пејачки на југословенската сцена.

Пленеше и со стилот. Секогаш авангардна, дама со изграден и софистициран стил, која светските трендови ги носеше директно на регионалната сцена.

Таа беше и членка на легендарната вокално-инструментална група „Македонија" предводена од трубачот Благој Чешларов, заедно со Даниела Панчетовиќ, Кирчо Поп Лазаров, Зорица Поп Панкова, Верица Ристевска, Панче Кочовски. Нејзин сопруг беше познатиот естраден работник и менаџер Марио Липша, кој долги години беше на чело на најпознатата естрадна институција во Македонија, здружението на естрадни уметници „Естрада".

Во нејзина чест одреден период, детскиот битолски фестивал Си-До доделуваше награда со нејзиното име, а додека во 2010 година по повод 27 години од нејзината трагична смрт беше организиран концерт насловен „Незаборав".

Никогаш заборавена, Сашка Петковска.

Објавено:
28 септември 2016
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
2.264 пати