Оваа 2016 година на изминување однесе уште една легенда. Како пренесуваат светските медиуми, вчера во својот дом во Бел Ер од срцев удар, почина холивудската актерка За За Габор и тоа во 99-тата година од животот.

Веста ја потврди нејзиниот ПР и сопруг Фредерик фон Анхалт, нејзиниот деветти и последен сопруг.

За За е родена во Будимпешта на 6-ти февруари 1917 година како Сари Габор. Таа е последната од трите познати сестри, кои ја делеа страста за имотни мажи.

семејството Габор (За За е долу лево до својот татко, сосема десно е ќерка и' Фредерика)

Последните неколку години станува непрепознатлива поради здравствените проблеми. После несреќниот пад од коњ, таа прави неколку операции, помеѓу кои и онаа на колк. Но, набргу после тоа, се јавуваат и други компликации поради што ѝ ја ампутираат десната нога. Но, тука не завршуваат проблемите. Здравствената состојба до толку ѝ се влошува што станува комплетно парализирана и заврзана за кревет.

Торта за 95-тиот роденден на Заза од нејзинот сопруг Фредерик

Иако Габор успеа да оствари неколку значајни улоги во остварувања како „Moulin Rouge“, „Lili“, „Arrivederci bebe“, „We are not married!“ каде глумеше со Мерилин Монро, сепак во јавноста остана запаметена по својата убавина и приватниот живот.

Таа беше една од оние што дефинитивно имаат за што да жалат во староста. Нејзината убавина зрачи уште од најмала возраст, па не изненадува фактот што во 1936-тата е избрана за Мис Унгарија. Тоа ќе ѝ го отвори патот кон САД, каде и набргу ќе се пресели и ќе почне да ја гради актерската кариера.

Таа е пионерот на сите „селебрити“ личности. Оваа платинеста русокоса го издигна и формираше култот на тоа што значи да се биде „селебрити“. За За стана славна и позната токму поради тој факт – што беше славна и позната, што не можеше секој. Во 1950-тите е вистински секс симбол. Својот сексапил не го штеди ниту крие, како ни нејзината страст кон код дијамантите, крзното, парите.

За тоа говори и во неколкуте биографии што ги објавува за време на својот живот. Речиси и да нема нејзина фотографија на која таа нема накит и тоа скап.

Еден од најпознатите факти за неа е дека се мажи дури девет пати.

Првиот сопруг ѝ е турскиот дипломат Бурхан Асаф Белџ, со кого е во брак од 1937-та до 1941-вата година.

Потоа, во 1942 година се мажи за познатиот бизнисмен и сопственик на синџир хотели, Конрад Хилтон. Со него ја добива ќерката Фредерика Хилтон, која почина минатата година на 6-ти јануари на 67-годишна возраст од мозочен удар. За За која инаку боледува во тоа време и од деменција, воопшто и не е свесна за смртта и погребот на своето дете. По смртта на Конрад, Фредерика според тестаментот од татка си, добива само 100.000 долари, додека сето наследство го препишува на Конрад Јуниор и Мајкл Хилтон.

За За и Конрад

Во една пригода За За ќе каже дека тој е единствениот маж со кој таа се омажила од чист интерес. Во контекст на ова стои и информацијата дека по разводот во 1947 година, Хилтон  ѝ плаќа на Габор месечно околу 35.000 долари, додека не се омажи повторно, што се случува две години подоцна.

Следниот брак на За За е со актерот оскаровец, Џорџ Сандерс во 1949 година, кој ќе трае повторно само 5 години, до 1954 година. Нешто подоцна, Сандерс ќе биде во брак и со нејзината сестра Марга, но и тој нема да трае долго.

Бракот со Сандерс трае пет години

Четвртиот сопруг е Херберт Хатнер, со кого е во брак од 1962 до 1966 година.

За За со ќерката Фредерика и Херберт Хатнер

Токму таа 1966, актерката повторно се мажи, овој пат за Џошуа Косден Јуниор, а бракот им трае само година дена.

Бракот со Џошуа Косден Јуниор трае само една година

Едногодишен е и бракот со Џек Рајан (од 1975 до 1976 година), по што се мажи за Мајкл О’ Хара. Таа љубов трае нешто подолго, речиси седум години, по што во 1983 се разведуваат.

Џек Рајан и Заза

Љубовта со Мајкл О'Хара трае до 1983 година

Габор наоѓа утеха во Фелипе де Алба, но тој брак склучен повторно во 1983 година, завршува и во таа година.

Бракот со Фелипе де Алба почнува и завршува во 1983 година

Деветиот сопруг е принцот Фредерик фон Анхалт, за кој ќе каже дека ќе биде и нејзиниот последен и тоа навистина се случи.

Последниот сопруг на За За е Фредерик фон Анхалт

Нивниот брак беше и најдолг. Се венчаваат во 1986 година и поминуваат заедно дури 30 години. Токму тој е со неа до последниот здив.

фотографија од 2011, по повод 25 години брак

Во биографијата од 1993 година, открива дека покрај бројните бракови, таа имала и многу љубовници. Меѓу нив се и Кемал Ататурк, актерот Шон Корнери, Френк Синатра... Сепак, ги одбила Џон Кенеди, Елвис Присли, Хенри Фонда... Но, не ја одбила Грета Гарбо, па токму во таа книга го опишува и нивниот бакнеж.

Ќе остане запаметена и по искреноста и по тоа што за својот живот и своите страсти зборуваше без влакна на јазикот.

Во галеријата се потсетуваме на нејзиниот стил, кој беше впечатлив како и таа самата.

Објавено:
19 декември 2016
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
1.970 пати