Портрет на музичката и модна икона Деби Хари – „Блонди“

26 февруари 2018

Деби Хари е лицето на бунтовничката музика сцена и „New wave" движењето од 70-те и 80-те години. Пејачка, актерка, а истовремено и модел која својот имиџ го воздигна до статус на култен, а беше и е музичка и модна икона за многу генерации.

Енди Ворхол ја портретираше во она издание по кое е најпрепознатлива, со плава боб фризура, што стана едно универзално уметничко дело во рангот на она со Мерилин Монро.

Родена е на 1-ви јули во 1945 година на Мајами, Флорида, а кога имала три месеци, ја посвоило семејството Хари. За нејзиното посвојување дознала кога имала 4 години и имала убаво детство.
Во 60-те години работела и како модел, но набрзо сфатила дека нејзина вистинска професионална определба е музиката.

Нејзината иднина ќе ја преодореди бендот „Angel and the Snakes" кој го формира заедно со нејзината долгогодишна љубов, гитаристот Крис Стејн. Но, бидејќи сите веќе ја препознавале како Блонди, двајцата се договориле бендот да го преименуваат токму во „Блонди".

Во периодот од 1976 до 1982 година, „Блонди" остваруваат огромен успех и во истиот тој период издаваат дури 6 албуми: Blondie (1976), Plastic Letters (1977), Parallel Lines (1978), Eat to the Beat (1979), Autoamerican (1980) и The Hunter (1982).

Во 1982 година бендот се распаѓа, но нивната музика станува историска и безвременска. Некои од нивните хитови како One way or another, Call me, Denis, Heart of glass и Rapture важат за R'n'R класика, а дел од нивните песни се појавуваат и како дел од саундтракот на повеќе од 90 филмови.

По распаѓањето на бендот, Блонди продолжува со нејзината соло музичка кариера, исто така паралелно работи и како актерка и се појавува во повеќе од 50 филмски остварувања.

Во периодот на 80-те и 90-те, таа издава 5 соло албуми кои не постигнуваат голем успех. Но, во 1998 година повторно се враќа на врвот со хитот Maria. Последниот албум Блонди го издаде во 2010 година, Panic of Girls.

Блонди иако беше во долгогодишна врска со Крис Стејн, тие никогаш не стапија во брак. Исто така, Деби Хари одлучи да нема деца, а најзначаен приоритет во нејзиниот живот е филантропската работа. Најголем дел од нејзината хуманитарна работа е посветена на борбата против рак.

 

Објавено:
26 февруари 2018
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
250 пати