Рита Ора – од дама до шок-мајстор

12 април 2018

Низ годините, како созреваше Рита Ора, така созреваше и нејзиниот стил. Она што остана константно е умешноста за трансформации.

Токму затоа и не нè изненадува кога ќе ја видиме и во софистицирана, минималистичка комбинација, но и некоја која вклучува многу бои, принтови и шокирачки моменти.

Ако го отворите сајтот на магазинот „Вог“, ќе видите дека речиси и да не постои недела пејачката да не се најде во најдобро облечените на неделно ниво.

Од друга страна, умешно ги прима и критиките. Модните изданија секогаш се добро промислени и свесно направени, дури и по цена да се најде на листата на најлошо облечени личности, како што беше случај на последното издание на „Ем-ти-ви“ наградите кога се појави во бањарка.

Да, таа тогаш се најде на листата на најлошо облечени , но успеа да го привлече вниманието како никој друг на манифестацијата, па за тоа да се присетуваме или зборуваме дури и денес.

Трансформациите не се однесуваат само на облеката. Рита Ора често ги менуваше и фризурите. Од долга коса, преку боб-фризури, до сосема кратка, машка фризура, пејачката покажа дека има одлично лице за трансформации и ретко што не ѝ стои.

Инаку, пејачката која во ноември минатата година наполни 27 години, е родена во Косово. Кусо по нејзиното раѓање, родителите пребегнуваат во Лондон, каде остануваат да живеат. Во медиумите се појави и информација дека таа и три години постарата сестра Елена, речиси година дена биле во сиропиталиште, поради неразрешениот статус на родителите. Приказната завршува среќно. Освен сестрата, Рита има и помал брат, Дон.

Уште од тинејџерските денови сака да стане пејачка, а подоцна ќе се откаже и од колеџ. Нејзиниот татко Бесник, економист и сопственик на паб, ќе ја услови дека има година дена да успее, инаку потоа се враќа на факултет. Поради ваквата одлука, долго време и не зборувала ниту со него, ниту со мајка си Вера (психолог), но имајќи го предвид сегашниот нејзин успех, сите несогласувања се решени.

Инаку, нејзиното вистинско име е Рита Сахатчиу. Презимето има турски корени, а значи часовничар. Но, поради потешкиот изговор и не така звучно презиме, се одлучуваат да го додадат Ора (на албански – време).

Во продолжение погледнете како таа се забавува со модата и зошто е на добар пат да биде вистинска кралица на модните трансформации:

 

фото извор: vogue.com; thisisinsider.com; glamourmagazine.co.uk; elle.com; 

Објавено:
12 април 2018
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
1.586 пати