Иако веќе ја нема толку често на музичката и јавна сцена, Шаде е поим за егзотична убавина, суптилност, мистериозност, како во музиката, така и во стилот.

фото извор: Pinterest

Денес има 58 години, а светската музичка сцена ја освојува во текот на 1980-тите. И покрај тоа што зад себе има преку 50 милиони продадени албуми, таа признава дека никогаш комплетно не уживала во славата, бидејќи не знаела како и да се справи со неа.

Во прилог на ова оди и фактот дека интимниот живот секогаш се трудела да го задржи за себе, а да се добие интервју од неа е вистинска реткост.

Всушност, Шаде никогаш не ни сакала да стане музичка икона. А како течела нејзината животна приказна читате во продолжение:

фото извор:Who What Wear

Нејзиното вистинско име е Хелен Фолашаде Аду, а родена е во гратчето Ибадан во Нигерија, на 16-ти јануари 1959 година. Нејзиниот татко, како и многу други, од Африка емигрира во Лондон, за да студира на економскиот факултет. Во главниот град на Британија, ја запознава Ен Хајес, медицинска сестра.  Љубовта меѓу нив се родила веднаш, а после само неколку месеци забавување се одлучуваат на брак. Британката која била лудо вљубена во Биси Аду одлучила да оди со него во западна Африка, каде тој добива понуда да биде професор.

Во Нигерија се раѓаат нивните две деца, но љубовта не успева да ги премости сите препреки. Бракот се распаѓа и Ен се враќа во Англија и тоа со двете деца. Одлуката не била ни малку лесна, имајќи предвид дека Шаде имала четири, а нејзиниот брат две години.

-Бев свесна за проблемот со кој се соочуваа моите родители, но никогаш не го поврзував со прашањето на расата. Мислам дека тоа претставуваше проблем на мојот татко. Тој потекнува од мало село, а како на втор син, врз него отсекогаш постоел притисок дека мора да успее. Дедо ми имаше седум жени. Во Нигерија секогаш постоеше ривалството меѓу мајките. Секоја мисли дека другите сакаат да ја отрујат. И тоа буквално – раскажува Шаде, која сè до почетокот на 1970-тите со мајката и братот живее кај родителите на Ен.

фото извор: Who What Wear

Таму научила да јава коњ, кого го купува за да може да работи разни хонорарни ангажмани. Со оглед на тоа дека во детството често била сама, книгите ѝ биле најдобар пријател. Сепак, во тинејџерските години, открива дека модата е она што многу ја интересира и одлучува да ѝ се посвети.

Во истиот период ја открива и соул музиката и одлучува дека сака да научи да танцува. Музиката што ја слушала во дискотеките во близина на локалната американска воздухопловна база, ја маѓепсале и почнала да излегува и по локалните пабови во Илфорд.

Се вљубува во нотите на Марвин Греј, Куртис Мејфилд... Со ритамот на музиката, сосема случајно открива и дека ѝ се допаѓаат момчиња.

фото извор: Pinterest

-Првпат се вљубив кога имав 14 години. Беше многу висок. Се запознавме кога јас за првпат излегов во диското West Cliff. На 15 години го имав првото сексуално искуство. Се случи на таван и не беше многу убаво.  Чудно е што до тој момент, не бев претерано заинтересирана за момчиња. Бев многу грда и не сакав да се чувствувам отфрлено. Затоа и ги одбегнував, па наместо со нив, времето го поминував со моите коњи – открива пејачката.

Иако нејзините интервјуа можат да се избројат на прсти, Шаде во секое од нив зборува искрено за секој сегмент од нејзиниот живот.

На 18 години се сели во Лондон каде се запишува на престижниот „Сент Мартин“. Ги завршува тригодишните студии, по што се стекнува со диоплома – моден дизајнер.

фото извор: Pinterest

За време на студиите, со пријателката Џоја Мелор отвора продавница во која создавала своја гардероба.

Со оглед на тоа дека многу ги почитува пријателствата, не изненадува фактот што токму Џоја во текот на кариерата на Шаде е нејзиниот главен стилист и креатор, чија облека ја носи и приватно, но и на настапи.

Не крие дека приватноста ја цени повеќе од било што на светот, а старите пријатели ги почитува повеќе од било кој луксуз што ѝ ја донела популарноста.

- Се зборува дека сум срамежлива, отуѓена дива. Дива сум, секако, но не сум срамежлива ниту отуѓена. Едноставно, своето време повеќе сакам да го поминувам со пријателите отколку со новинарите – изјави во едно од ретките интервјуа.

фото извор: Pinterest

Се обидува да биде само Шаде или Шарди, како ја нарекуваат Американците, а не славна пејачка.

-Еднаш во Дизниленд отидов со перика и големи очила со кои изгледав тажно. Некој ми пријде и ме праша: „Дали си ти Шарди?“, а јас одговорив: „Не, која е Шарди?“ Тогаш тој се налути многу на мене и ми рече: „Не знаеш која е Шарди? Тоа е смешно. Во пештера ли живееш ти? – со насмевка раскажува уметницата, која често бега од јавноста токму со перики и маски.

Уште како адолесцентка, Шаде работи и како манекенка, бидејќи отсекогаш имала перфектна градба.

Сепак, музиката победува, а другите интересни се само минливи нешта во нејзиниот живот.

Како членка на латино групата „Arriva“ за првпат ја изведува култната песна Smooth Operator, која после само неколку недели стана број еден на американската топ листа После тоа, преминува во бендот „Pride“, кој брзо го менува името во „Шаде“, како и главниот вокал. Момците и Шаде се дружат три години на турнеја, по што потпишуваат договор со „Сони Мјузик“, а другото е историја.

Шаде, 1983 година; фото извор: Elle.com.au

Инаку, 1983 година е нејзината среќна година, бидејќи го запознава Ли Барет, кој подоцна ќе биде и нејзин менаџер. Тој ќе ја праша дали знае да пее, а истата година ќе потпише и самостоен договор со Епид Рекордс.

Шаде никогаш не обрнува внимание на материјалните работи, па така и денес живее со скромен стан. Има голема колекција плочи.

Исто така, не крие дека повеќе ужива во креативниот процес отколку во готовиот производ.

Во 1985 година, по завршувањето на филмот „Absolute Beginners“ се сели во Мадрид, каде повторно не може да избега од медиумите, но овој пат и поради тоа што за првпат ќе се вљуби вистински и тоа во Карлос Скола, филмски режисер од Мадрид.

Шаде и Карлос; фото извор: Pinterest

-Беше тоа љубов на првпоглед. Се гледавме околу четири години, а потоа се венчавме. Најопасната работа која ја направив во животот е тоа што се омажив за него – им призна Шаде на медиумите после бројните инсистирања.

Гламурозната венчавка се случи во 1989 година.

Но, таа приказна завршува брзо.

-Бевме повеќе разделени отколку заедно. Набргу заминав. Никогаш немојте да се мажите. Верувам дека луѓето треба да се зааедно и да се даваат еден на друг, но не верувам во брак. Сопругот го сакав еднакво и ден пред венчавката и ден потоа. Тој инсистираше да се земеме. Си реков: „Добро, ќе го направам тоа што го сака. Можеби тоа ќе ѝ помогне на нашата ситуација. Веројатно ќе се чувствува посигурно“. Но, еве што се случи – откри Шаде по распаѓањето на бракот.

фото извор: Pinterest

После тој животен период, се сели во Лондон, блиску до нејзиниот брат.

-Поблиска сум со брат ми сега отколку кога растевме. Најблизок си со оние со кои се караш, а ние често се каравме. Во добри односи сум и со мајка ми и многу ја почитувам – изјави интригантната Британка, која кон средината на 1990-тите го напушти родниот крај и замина на Јамајка, каде со продуцентот Боб Морган создаде семејна заедница.

Круната на нивната љубов беше ќерката Ила, која ја добија на 21-ви јули 1996 година.

Сепак, ниту фактот дека станала мајка, не успеа да го смири темпераментниот дух на Шаде.

Кога Ила има една година, Шаде добива прекршочна пријава поради опасно возење и занемарување на полицијата која ја опоменала.

Поради бројните настапи, во 1997 година се враќа во Англија, каде живее и денес со својата ќерка.

фото извор: Who What Wear

Никогаш не откри што точно се случило и поради што врската со Боб се прекина.

-Таа идеја за живот само со една личност е неверојатно непрактична. Посебно, ако ги земеме предвид бројните промени низ кои минуваме во текот на животот. Ако нешто работам, не забележувам ништо околу мене. Ако разговарам со некој по телефон, тогаш сум посветена на тоа. Немам време за никој друг, што е жално. Ми се допаѓаат луѓе кои можат да работат повеќе работи одеднаш, но јас едноставно, не сум таква, а тоа може да биде и застрашувачки – искрена е Шаде.

Благодарение на егзотичниот и убав изглед, но пред сè, соул музиката со примеси на џез и специфичната интерпретација, таа достигна планетарна популарност. Но, комплиментите не одат само во насока на пеењето и изгледот, туку и како композитор, текстописец, продуцент.

фото извор: Pinterest

Во тоа време, многумина се чудеа, па дури и завидуваа, како некој може да изгледа одлично, а во исто време да располага со таков талент, одлучност и снаодливост.

Таа никогаш не се вклопуваше во стандардната слика за пејачки што ја градат кариерата на физичкиот изглед или како забавувачи за мажи, па кога на тоа ќе ја додадете нејзината софистицираност во секој сегмент, ќе се согласите дека тоа е нејзината формула за успех.

Шаде успешно се оттргна од стереотипите, дури дејствуваше и обратнопропорционално – колку стануваше попопуларна, толку нејзиниот живот стануваше сè поинтригантен и таинствен за јавноста.

Сепак, останува доследна на себе и своите принципи, со што стана пример и на голем број музичари. Еден од нејзините најголеми обожаватели е Дрејк, кој дури има и тетоважа со нејзиниот лик на торзото.

фото извор: You Tube

фото извор: Instagram

За да му возврати за јавно искажаната љубов и почит, таа за 30-тиот роденден минатиот октомври му испрати нејзина фотографија со потпис во рамка. Исто така, присуствуваше и на неговиот концерт во Лондон во март годинва, кога е и видена после многу долго време, но како што може да се забележи од фотографијата, годините за неа се само број.

Објавено:
8 јуни 2017
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
973 пати