Сите девојчиња сакаа да бидат Spice Girls

8 февруари 2018

Ако сте растеле во 1990-тите, тогаш веројатно многу добро ви е познато колку групата „Spice Girls“ беше популарна.

Нема девојче што не знаеше макар една песна од нив. Спотовите секогаш се гледаа со големо внимание, се учеа кореографиите, а секоја од другарките кажуваше која девојка од Spice Girls е. И по тоа можеше да се заклучи многу лесно кој повеќе е спортски тип, а кој сака да се дотерува.

Во 1990-тите групите го имаа приматот на музичката сцена. Освен „Spice Girls“ постоеја и други женски групи – „TLC“, „En Vogue“, „All Saints“, но ниту една не беше толку популарна и имитирана.

Освен песните, во голема мера за популарноста им помогна и изгледот. Беа мошне необични за тоа време, дури и откачени. Носеа „џиновски топуци“, светкави и парчиња со принт.

Беа револуционерки во модна смисла и секоја од нив имаше посебна улога и карактер, наспроти униформираноста кај другите групи.

Мел Би (Scary Spice), Мел Си (Sporty Spice), Ема Батон (Baby Spice), Гери Халивел (Ginger Spice) и Викторија Бекам (Posh Spice) го живееја сонот на многу девојчиња.

Последната информација која ја пренесува таблоидот „Ти-Ем-Зи“ е дека групата дефинитивно ќе се обедини годинава. Тие повторно се сретнале со нивниот менаџер Сајмон Фулер за да ја испланираат турнејата која ќе ги опфати и САД.

Со години наназад се нагаѓаше околу нивното повторно собирање и меѓусебните односи. Во медиумите беше презентирано дека Викторија Бекам е таа со која останатите членки не разговараат, но неодамнешната фотографија од петорката и тоа во домот на Бекам покажа дека и ако имало несогласувања, тие се надминале.

Во британските медиуми се појави и веста дека секоја од овие пет жени за ангажманите околу реобединувањето ќе добие по 10 милиони фунти. Бекам ќе ги добие исто иако ќе биде единствената што нема да пее.

Сите оние што пораснаа со нивната музика се и повеќе од возбудени да видат како ќе изгледаат нивните настапи, а особено облеката, посебно имајќи предвид дека Бекам оформи модно царство.

Во продолжение ќе погледнете ретроспектива на стилот на групата, кој од ексцентричен знаеше да биде и мошне усогласен, а дел од парчињата (оние со принт, оделата и секси фустанчињата и обувките на „Пош спајс“) можат да функционираат и во денешницата.

Погледнете:

Објавено:
8 февруари 2018
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
506 пати