Кога неколку децении имате успешна музичка кариера и сте продале над 100 милиони копии од вашите албуми, тогаш вие сте музичка икона. Но, кога вашиот стил е исто толку импресивен, тогаш може да се наречете себеси и модна икона. Стинг ги носи и двата епитети.

Уште во времето на The Police, легендарниот музичар имаше силно влијание врз британското пост-панк движење и тоа не само преку музиката, туку и со својот имиџ.


Препознатлив по блузите во пруги и предимензионираните џемпери, Стинг секако имаше значаен удел во дефинирањето на машката мода во транзициониот период од доцните 70-ти во раните 80-ти години.
Со почетокот на неговата соло кариера, неговиот стил еволуираше и елеганцијата стана основен предзнак на неговата визуелна појава.


Неговиот перфектен изглед e предизвик за дизајнерите, па честопати може да го видиме во култни дизајнерски парчиња, особено од Версаче и Том Форд. Заедно со неговата сопруга, се еден од оние парови кои секогаш имаат место во првите редови на ревиите на модни куќи од калибарот на Диор.


Неговата стилска естетика не остана незабележана и од стручните лица во модната индустрија, па во 2000-та година, кога тој имаше речиси 50 години, ја доби наградата нa VH1/Vogue Fashion award за најстилски машки изведувач.

Објавено:
17 февруари 2016
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
227 пати