Сузан Сарандон - жена во секоја смисла на зборот

5 октомври 2019

Сузан Сарандон е една од оние жени на кои годините не можете да им ги погодите. Неодамна го прослави 73. роденден, но изгледа децении помладо.

Првата асоцијација за оваа жена е нејзината црвена коса, впечатлив поглед и градите, поради кои од читателите на „Плејбој“ во 1981 година ја добива „титулата“ за „Жена со најдобри гради“. 

Но, кариерата ја изгради благодарение на огромниот актерски талент и упорноста.

Родена е како Сузан Ејбигел Томалин, најстарото од деветте деца во семејството. Уште од рана возраст се интересира за глума, а благодарение на тоа што татко ѝ е телевизиски продуцент и пејач. Од негова страна има англиска, ирска и велшка крв, додека од страна на мајка си, која патем била домаќинка, има германско потекло.

Првите посериозни глумачки ангажмани ги има по завршувањето на факултетот. Од 1970-та па до сега остварила преку 70 улоги, а за „Оскар“ била номинирана дури пет пати. Сепак, го освојува во 1995 година, за улогата во филмот „Заминувањето во смрт“, каде заедно со Шон Пен ги толкуваат главните улоги.

Инаку, станува популарна поради улогата во хорор филмот „Глад“ од 1983 година, каде има лезбејска сцена со Кетрин Денев. Филмот сам по себе бил големо промашување, но не и нејзиното појавување, а подоцна и кариера. 

Огромна популарност добива со филмот „Bull Durham“ во 1988 година, каде го запознава Тим Робинс, со кого ќе ги добие синовите Џек и Мајкс. Претходно е во врска со Чарлс Сарандон, со кого ја добива ќерката Ева. Дури и по разводот во 1979 година, после 12 години брак, Сузан одлучува да го задржи презимето Сарандон.

Кога е стилот во прашање, последните години, костимите во машки крој се нејзин чест избор. Генерално, црно-белите комбинации доминираат. Во помладите денови, можеше да се види и во фустани, кои го истакнуваат нејзиниот најатрактивен дел од телото. Така, кога носи фустани срцевидните деколтеа и оние во длабоко V се нејзин прв избор.

Сепак, во едно интервју ќе изјави дека најубаво се чувствува во панталони, а посебно во џинс, од кој не се откажува кога камерите не се вперени во неа.

Некои нејзиниот стил би го протолкувале како чуден или по малку кич, бидејќи ужива и во светки или работи што навидум не се модно „одобрени“, но таа знае како да ги носи и уште повеќе да изгледа сигурна во себе кога ги носи.

Со години не ја смени бојата на коса, а нема големи експерименти ниту пак кога е должината во прашање. Сепак, со широката насмевка и женственоста што ја носи во себе, самодовербата со која зрачи таа успеа да стане препознатлива и да покаже дека е жена во секоја смисла на зборот!

 

 

 

 

Објавено:
5 октомври 2019
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
2.300 пати