Светлана Бојковиќ (70) – дама која не се плаши да го живее животот

13 јуни 2018

На телевизиите на Балканот, многупати досега се репризирале сериите „Бољи живот“, „Породично благо“, „Среќни људи“, па сме ја гледале Светлана Бојковиќ како Емилија Попадиќ, или медицинска сестра Антонија, или Емилија Гавриловиќ.

Често преку улогите ја гледаме како дама, со убави манири, став и говор. Ништо помалку од тоа не е ниту во приватниот живот, барем така кажуваат оние што ја познаваат. Елегантата облека, дискретниот накит и широката насмевка се секогаш нејзин избор.

Таа е една од доајените на српското глумиште, а за својот живот ќе каже дека бил возбудлив, интересен, динамичен и не секогаш лесен.

„После нашето заминување, сите сме заборавени. Прашајте ги младите глумци денес дали знаат кој е Бранко Плеша, па ќе ви биде појасно. Наскоро нема да знаат ниту кој бил Љуба Тадиќ. По тоа прашање немам никакви илузии, но затоа, сакам додека сум жива, во животот да уживам со полни гради“, вели актерката во едно интервју.

Родена е на 14. декември 1947 година во Белград. Завршува гимназија и музичко училиште паралелно, по што упишува Академија за драмски уметности, кога и го запознава својот прв сопруг, Милош Жутиќ. Инаку, нејзиниот живот го одбележуваат три големи љубови.

„Во тој смер, сè ми се случуваше многу бргу. Две години по запишувањето на Академијата, значи уште како студент, бев примена за постојан член на ансамблот на „Југословенско драмско позориште“. Таа 1968 година играв во седум премиери, а имав и осма, лична – се омажив за актерот Милош Жутиќ. Во 1970 дипломирав, а кон крајот на 1972, на свет ја донесом Катарина, мојата Каја“, изјави во една пригода актерката за „Политика“.

Токму тогаш откри и дека имала проблематични бремености.

„Многу сакав да родам дете, а пред да дојде Каја, имав проблеми со тоа. Затоа, оваа бременост ја гледав како да дар од Бога. Многу бев среќна. Имав само позитивни мисли. Породувањето го доживеав како космичко доживување. Не постои ништо на овој свет што може да се спореди со моментот кога го слушнав првиот плач на мојата Каја“, ќе каже Бојковиќ.

После неколку години заеднички живот со Милош Жутиќ, Светлана се одлучува да го прекине бракот. Во тоа време ја снима и култната „Бољи Живот“, но и започнува врска со режисерот Љубомир Драшкиќ – Муци.

„Се омажив кога имав 21 година, а Милош осум повеќе од мене. Бевме недоволно зрели за брак. Дојде до ерозија на нашата заедница, но не и нашиот човечки однос. Тоа траеше сè до крајот на неговиот живот во 1993 година, и покрај фактот дека и двајцата бевме во нови бракови. Милош го совлада најтешката болест. Моите бракови се преклопија во текот на 1980-тите. Во заедница со Муци влегов пред разводот од Милош. Љубовта со Муци беше посилна од сите правни норми, а официјално се венчавме дури во 1990 година. Почина во 2004 од срцев удар“, вели актерката за „Политика“.

Иако не ни помислувала дека повторно ќе ѝ се случи љубов, уште помалку брак, во нејзиниот живот се појавува Славко Круљевиќ, а таа љубов и заедница трае и денес.

„Многу ми е поубаво да живеам вака, отколку сама. Задоволна сум што направив такво нешто. Сопругот ме освои со квалитетите што ги поседува како човек и со тоа што имаме сличен поглед на живот, а се согласуваме и во естетска смисла“, изјави актерката во една пригда за „Блиц“.

Иако се трудела секогаш да оди низ животот достоинствено, па дури и во најтешките моменти, понекогаш тоа и изгледало невозможно. Сепак, простор за предавање немало.

„Колку сум постара, толку на мене не влијаат работи до степен да ја изгубам присебноста или да бидам повредена многу. Но, постои една друга работа, а тоа е депресивноста, против која човекот мора и треба да се бори. Некои работи и денес можат да ме повлечат во депресија, а тогаш морам повторно да ги користам своите механизми кои ми помагаат да се спасам и одбранам. И успевам, затоа што, пред сè, свесна сум дека ми се случила таква ситуација“, откри Светлана за „Хелоу“.

Со третиот сопруг неколку години живееја во Финска, бидејќи тој ја извршуваше функцијата амбасадор на Србија во Хелсинки. Но, не крие дека родниот град ѝ е омилен и најдобро се чувствува во него.

Македонската публика има можност повторно да ја гледа на малите екрани и тоа во серијата „Мамини синови“ која во моментов се емитува на Тв 24, а е од 2017 година.

 

 

фото извор: www.facebook.com/serijaboljizivot; www.facebook.com/pg/Svetlana-Bojković

Објавено:
13 јуни 2018
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
547 пати