The Weeknd - нова икона под превезот на мистеријата

28 јуни 2017

На нсловната страна на последното, специјално издание на „Форбс“  се наоѓа 27-годишната ар-ен-би ѕвезда, The Weeknd. Причината се 90-те милиони долари што успеа да ги заработи годинава и да влезе меѓу стотте личности со најголема заработувачка.

фото извор: Forbes.com/Jamel Toppin

Поточно, се наоѓа на шестото место со 92 милиони долари. Заработил повеќе и од Меси годинава, кој има 80 милиони и се наоѓа на 14-тото место, или од Ле Брон Џејмс кој е на 10-тото место со 86 милиони.

Уште за споредба, Роналдо успеал да заработи само еден милион повеќе од The Weeknd годинава. Првите три места ги држат авторката на „Хари Потер“, Џ.К. Роулинг (95 милиони), Бијонсе (105 милиони) и Пи Диди (135 милиони).

фото извор: Forbes.com/Jamel Toppin

Во што е тајната на овој млад музичар?

Некои ќе кажат дека е токму во младоста, па привлекува голем број публика која припаѓа на младата генерација, која купува, споделува, сака музика. Други пак успехот го гледаат во неговата мистериозност, а трети во комбинацијата на неговата појава и талентот.

Крајниот заклучок е дека има во сè по нешто.

Абел Маконен Тесфаје е вистинското име на ѕвездата, а роден е на 16-ти февруари 1990-та година во Онтарио, Канада. Тој е единственото дете на родителите кои во текот на 1980-тите пребегнуваат од Етиопија во Канада.

фото извор: Forbes.com/Jamel Toppin

На двегодишна возраст, таткото си заминува од дома и го напушта семејството, па Абел е одгледан од бабата. Мајката работела како медицинска сестра и се грижела и за стари лица, а понекогаш посетувала и вечерно училиште, сè со цел да може да го издржува семејството.

Тинејџерските денови за него се посебно турбулентни. Од едното средно школо го бркаат, а другото го напушта после само шест месеци. Следната одлука е да замине од дома, со уште двајца другари (едниот е Ламар), со кои ќе дели една соба.

фото извор: straight.com

-Заминав од дома кога имав 17 години. Го убедив и Ламар да го направи истото. Ги земавме душеците од дома и ги ставивме во старо комбе. Тој викенд заминавме и никогаш не се вративме дома. Во тоа време си го мразев името. Размислував за тоа кое да ми биде сценското. Бидејќи заминавме за викенд, одбрав да биде Weekend, ми звучеше кул. Но, бидејќи веќе имаше еден канадски бенд со истото име, само го извадив едното е и станав „The Weeknd“ – изјави музичарот во една пригода.

Инспириран од Мајкл Џексон, кој му бил музички идол, станува пејач, но развојот во оваа насока им ги должи и на Алаја, Миси Елиот, Тиберленд, бидејќи нивната музика многу влијаела врз тогаш, младото момче.

фото извор: pressofatlanticcity.com

Кариерата ќе ја започне, иако тогаш нема ни да биде свесен за тоа, објавувајќи три траки на „Јутјуб“ каналот – „House of Balloons“, „Thursday“, „Echoes of Silence“.

-Сè што сакав е да создадам база на обожаватели што ќе ме сакаат поради уметноста што ја создавам. Навистина сакав луѓето што немаат поим кој сум јас, да слушнат што правам. А тоа го правиш без да се интересираш и прашуваш за пари – вели пејачот за „Форбс“.

Публиката ќе го препознае неговиот талент и останатото е веќе познато.

фото извор: gq.com/ERIC RAY DAVIDSON

Инаку, како дете, Абел страда од несигурност и срамежливост, што ќе се одрази и на неговото соочување со првата популарност.

Големи напори правел за да го надмине проблемот. Одбивал интерјвуа, а  дури не сакал ни негова фотографија да се појавува на насловните страни на траките.

Сепак, контактот со обожавателите го одржувал постојано и тоа најчесто преку Твитер. Како одминувало времето, така неговиот успех сè повеќе се зголемувал, песните станувале дел од светските топ листи, а со тоа и самодовербата растела, па исчезнувале и проблемите од почетокот.

фото извор: billboard.com/Jason LaVeris/FilmMagic

Досега, соработувал со ѕвезди како Кајне Вест, Бијонсе, Ед Ширан, Кендрик Ламар, Дрејк... Всушност, Дрејк е еден од оние што први ќе ја препознаат неговата работа и ќе му помогнат во кариерата. И двајцата не кријат дека се како семејство.

-Многу сум му благодарен, тој беше мојот најблизок пријател кога влегов во музичката индустрија. Точно е, тогаш се откажав од речиси половина албум и му ги дадов песните на Дрејк, иако првично сакав да ги снимам за мене. Не е лесно тоа, но секогаш ќе му бидам благодарен, да не беше сонцето што ме осветли, кој знае каде ќе бев, а и сè се случува со причина – вели The Weeknd.

Неговата цел е да биде запаметен како уникатен и понаков, а во тоа му помага и имиџот.

фото извор: fashionbeans.com

Иако веќе ги нема препознатливите „суканици“, за таа фризура бил инспириран од артистот Жан Мишел Баскија. Четири години му биле потребни за да дојде до саканиот изглед. Косата не ја одржувал со ништо посебно, освен повремено со шампон. Во една пригода ќе открие дека поради косата често добивал погрдни имиња, а исто така имал и болки во вратот додека спиел, но немал намера да се откаже од саканиот изглед. И воопшто не сакал да го допираат за коса.

Сега веќе ги нема, но и на тој начин успеа да привлече внимание.

-Своите албуми, кога ги создавам ги третирам како филмови, раскажувам една голема приказна – ќе каже Абел, кој додава дека неговата прва и вистинска љубов е киното и филмовите, па во иднина ќе се посвети уште повеќе на визуелното доживување на неговата музика.

фото извор: fashionbeans.com

А и во модната индустрија ги направи првите чекори. По повод новиот албум „Starboy“ издаден во 2016, тој создаде и капсулна колекција, во соработка со позната група на графити уметници „Futura 2000“. Исто така, соработуваше и со „Пума“ за создавање на патики.

На годинашното издание на „Коачела“ тој и неговата актуелна девојка, Селена Гомез, беа прогласени од медиумите за најдобро облечена двојка.

фото извор: Vogue.com/Splash News

Слоевитото облекување и бомбер јакните се неговиот препознатлив знак кога е стилот во прашање. И тексасните јакни имаат почесно место во неговиот гардеробер, но ништо помалку привлечно не изгледа и во свечени одела.

фото извор: fashionbeans.com

Среќата дефинитивно му се насмеала на ова момче, а тој очигледно одлично го искористува сето она што животот му го дава.

фото извор: fashionbeans.com

фото извор: gq.com/ERIC RAY DAVIDSON

фото извор: gq.com/ERIC RAY DAVIDSON

фото извор: gq.com/ERIC RAY DAVIDSON

фото извор: gq.com/ERIC RAY DAVIDSON

Објавено:
28 јуни 2017
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
376 пати