Во светските медиуми вчера одекна веста за смртта на славниот дизајнер Убер де Живанши. Веќе ве потсетивме на неговиот посебен однос со Одри Хепберн, која беше негова непресушна муза.

А во продолжение следат факти за дизајнерот, кои можеби не сте ги знаеле.

- на 21 февруари 1927 година во француското гратче Бове се раѓа Уберт Џемс Тафин де Живанши. Семејството има благородничко потекло и тоа од страната на таткото на Убер, уште од 18-тиот век. Таткото го губи во 1930-тата година, па е одгледуван од мајка си и бабата, од која ја наследува страста за ткаенини. На 17-годишна возраст го напушта родниот град и заминува во Париз, да ги бара своите можности.

-Иако во неговото семејство веќе има уметници, на пример, неговиот прадедо работел театарски костими, сепак, татко му има поинакви планови за него. Маркизот од Живанши смета дека син му треба да биде адвокат, па Убер првин ќе почне да студира тоа. Но, набргу ќе сфати дека правото не може да ја потисне неговата желба за дизајн, па одлучува да го продолжи образованието на Академијата за убави уметности во Франција.

-Во 1952 година ја основа својата модна куќа „Живанши“, а истата година ја лансира и својата прва колекција „Separates“, со која доживеа голем успех, особено со долгите лесни здолништа и блузите наречени „Бетина блузи“, по тогаш познатиот модел Бетина Грациани“

-Пред да ја основа својата модна куќа, работи кај Скјапарели, Баленсијага и други. Во едно од ретките интервјуа ќе каже дека токму Балман го научил на важноста  на деталите и како нема потреба да се користат претерано за да биде некоја креација убава. „Баленсијага беше мојата религија“.

-Дизајнерот бил висок дури 198 сантиметри, па тешко било да не го забележат. Тоа му помогнало многу во првиот впечаток со влијателните луѓе, кои сакале да го видат и одблиску неговиот талент.

-Во 1953 година за првпат ја запознава својата муза, Одри Хепберн. Кога му кажале дека ќе дојде госпоѓица Хепберн, тој ја очекувал Кетрин, бидејќи знаел дека неа треба да ја облекува за новото остварување „Сабрина“. Но, се појавила Одри, во заврзана маица, тесни панталони, сандали и шапка. Тоа бил почетокот на 40-годишно пријателство.

-Во 1954 година ја создава првата луксузна ready-to-wear колекција.

-„Малиот црн фустан“ е најтешката работа за реализација. Но, мора да се држите до едноставноста“, ќе каже дизајнерот во интервјуто за „Индепендент“ од 2010 година.

-Во 1957 година ја презентира таканаречената „вреќеста“ силуета, со која создава доза на мистериозност околу женското тело, односно што се наоѓа под таквите фустани. Живанши ќе остане запаметен и по тоа што ги охрабри жените повеќе да ги покажат нозете во текот на денот, односно да ја скратат должината на здолништата, а тоа посебно ќе биде актуелно во текот на 1960-тите.

-Истата 1957 година, Живанши го лансира и неговиот прв парфем насловен како L’interdit, инспириран и промовиран од Одри Хепберн. Тоа било првпат актерка да биде заштитно лице на парфем. Во модната куќа, поточно во неговата канцеларија, а и приватно насекаде имало фотографии до Одри, што само алудира на тоа колку е таа значајна личност и дел од неговиот живот.

-Во 1973 година ја лансира првата машка колекција – Gentleman Givenchy.

-Во 1988 година го продава бизнисот на групацијата LVMH, а одлучува да се пензионира во 1995 година. На негово место ќе се сменат неколку дизајнери – Александар Меквин, Џон Галијано, Џулиен Мекдоналд, Рикардо Тиши. Убер ги набљудувал од страна работите, давал по некој совет, но одлучил да не се меша премногу и комплетно се повлекува од модниот свет. Во моментов на позицијата креативен директор на модната куќа е Клер Вејт Келер.

-Во текот на кариерата остварува соработки и со Џеки Кенеди и принцезата Грејс од Монако.

-Ќе остане запаметен по тоа што во своите креации ја негуваше елеганцијата, во комбинација со парискиот шик. Неговото модно чувство, умешност, прецизност и естетика ќе ги насочи и кон дизајнирање на ткаенини и тоа најчесто за опремување хотели, како и парфеми.

 

фото извор: pinterest.com; 

Објавено:
13 март 2018
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
798 пати