Запознајте ја Моника Бабишова - чешката Меланија Трамп

24 октомври 2017

Чешка викендов доби нов претседател. Се работи за контроверзниот бизнисмен Андреј Бабиш, чија партија ANO го освои мнозинството гласови.

Светските медиуми го нарекоа „чешкиот Трамп“, пред сè поради фактот дека е бизнисмен и има своја империја, сопственик е на два весника и најголемото радио во Чешка, ресторан со за сега една „Мишелин“ ѕвезда..., како и богатство што се проценува на 4.1 милијарда долари, па не случајно е и на листата на „Форбс“ на најбогатите личности. Инаку, во Чешка е втората најбогата личност, која како вели, државата би ја водел како фирма.

Пред да стане вториот најбогат човек во Чешка, работел сè и сешто за да заработи пари, а тоа го сподели со народот во рамки на кампањата:

-Работам од 15 години. Разнесував млеко, обработував земја, уредував простори, градев летниковци и викендички, сè за да заработам - вели Бабиш.

Сличностите со Трамп се и поради политичките убедувања, претставувајќи се како остар критичар на бегалската политика на Меркел, а исто така е против голема ЕУ-интеграција. Овој 63-годишен екс-министер за финансии е контроверзен и поради фактот дека се соочува со обвинувања за измама и злоупотреба на европски фондови вредни милиони долари, како пренесува „Макфакс“, што е уште еден преседан на чешката политичка сцена и причина поради која многумина не сакаат да коалицираат со него.

Но, вниманието го привлекува и поради својата сопруга, 20 години помладата Моника Бабишова, со што овозможува уште една паралела со Доналд Трамп.

Моника има 42 години и е дизајнер на ентериер. Вниманието го привлекува со својата убавина и секако, модниот вкус.

Како и Меланија, и за Моника се смета дека стапила во брак со милијардерот токму поради парите.

-Веќе се навикнав на тие коментари, кои произлегуваат поради големата разлика во години. Но тоа секако не е вистина, бидејќи темелот на нашата врска е љубовта, а тоа го покажуваат и 23-те години заеднички живот. Кога го запознав Андреј тој беше директор на фирма, но беше далеку од милионер или милијардер. Инаку, и јас работам и имам прилив на финансии, така што не сум ничиј терет или трошач на пари - вели во една пригода Моника.

Инаку, двојката се запознава кога таа има 20, а тој 40 години. Моника работела како секретарка во фирмата каде Андреј бил партнер. Во тоа време и двајцата се во брак, но и покрај симпатиите, врската се случува подоцна, а венчавката дури годинава.

Првиот брак го склучила кога имала 15 години, а момчето имало 19. Младоста си го направила своето, па кога таа има речиси 21 година, се разведуваат, а потоа ја почнува љубовта со Андреј.

Од нивната врска имаат две деца, а Андреј од претходниот брак уште две.

Во светските медиуми се прошири изјавата на Моника, дека сопругот ги води нејзините финансии.

-Ако сакам да купам нешто поскапо, секогаш го прашува Андреј за дозвола. Сепак, најчесто купувам во обични, не толку ексклузивни продавници - вели Бабишова.

И покрај таквата изјава, несомнено е дека за јавните појавувања, таа вложува многу бидејќи се појавува со дизајнерска облека и накит вредни и по неколку илјади евра.

Тамошните медиуми сметаат дека таа како и Меланија ќе биде во сенка на сопругот и ќе биде тивка прва дама, секогаш беспрекорно дотерана и насмеана. За разлика од Трампови, на фотографиите чешката двојка изгледа навистина вљубено, а Моника му беше голема поддршка на Андреј во клучните моменти.

Во едно интервју за чешките медиуми откри дека е вљубеник во минималистичкиот стил.

ресоранот во сопственост на Бабиш

-Го сакам минимализмот, особено во ентериерот, а во тој дух ни е уредена и куќата. Од материјалите, го обожувам стаклото, но е мошне непрактично, бидејќи бара постојано чистење. Имајќи ја предвид нашата куќа и како е уредена, сите се изненадија кога земавме златен ретривер, но за среќа, имам помош од една жена, која на дневно ниво доаѓа и помага во чистењето - открива Моника.

Во детството многу сакала да биде фризерка. Дури ги кратела косите на другарчињата и на членовите од семејството.

-Потоа имав фаза кога сакав да бидам барменка. Мајка ми не ми дозволи да студирам ништо од тоа. Потоа си реков дека би било добро да бидам учителка, но ако е возможно да ги прескокнам часовите по музичко. На крајот се одлучив да запишам средно бизнис училиште и така всушност се сретнав со внатрешниот дизајн, нешто за кое и не претпоставував дека ќе работам. Морам да признам дека едно време и сама си правев облека и модата е една од моите најголеми страсти. Забавна е – посочува идната Прва дама.

На прашањето дали и на Андреј му ја одбира облеката, вели:

-Тој е многу зафатен и најчесто носи одела. Во домот ни носат неколку модели и ние го одбираме она што најдобро му одговара. Потоа другите ги враќаме во продавниците.

Честопати е мета на модните критичари во Чешка. Со оглед на тоа дека сега ќе биде уште повеќе во центарот на вниманието, нема ни малку лесна задача.

-Признавам дека во почетокот бев шокирана и тие коментари ме освестија за некои работи. Пред Андреј да стане дел од политичкиот свет, никој не обрнуваше внимание на тоа што носам. Дури и да купев неколку фустани што можеби ќе се поскапи и да ги облечев неколку пати, никој немаше да забележи. Но, тоа веќе не е случај. Размислувам да си најмам и стилист, затоа што фотографите се насекаде, каде и да се упатам. Инаку, еднаш се најдов во улога на модел, во Милано, бев дел од неколку ревии, но не сметам дека сум многу фотогенична и дека е тоа работа за мене - открива Моника.

Она на што потешко се навикнува е обезбедувањето кое е насекаде со неа, како и губењето на анонимноста.

Во гардероберот поседува скапи парчиња, кои подоцна ги дава на аукција.

-Организирам хуманитарни аукции. На пример, на последниот таков настан, мојата чанта со потпис на Салваторе Ферагамо беше продадена за рекордна сума, која одите во хуманитарни цели. Имаме и фондација, преку која се трудиме да им помогнеме на сите што можеме. Андреј тоа го правеше уште пред да биде основана, но не сакаше премногу да се знаае за тоа - објаснува првата дама.

Нејзиното детство не било ни малку лесно, но ќе каже дека било „нормално.

-За жал татко ми почина кога јас имав пет, а брат ми три години и тоа беше тежок период. После некое време, мајка ми повторно се омажи и бевме просечно семејство. И двајцата работеа, одевме на патувања.

Со Андреј се повеќе од две децении, а за тоа време и двајцата многу созреале.

-Кога се запознавме, тој беше зрел човек. Сметав дека имаше некои грешки или навики кои би било добро да се поправат или исчезнат. Но, како што велат, волкот кожата ја менува, но не и карактерот. Па, после некое време престанав да инсистирам. Инаку, е строг и многу енергичен. Работи како машина. Особено во периодот кога се запознавме. Сега е малку „помек". Веќе не дава 150 проценти од себе, туку само 100 :). Строг е и со децата и бара од нив многу, но за нивно добро. За овие 20 години го научив Андреј да се посвети на семејството, на себе и да се релаксира. Сепак, тој е енергичен и активен човек и јас тоа го знам и го почитувам. Се трудам да избалансирам сè и да бидам тука секогаш кога е потребно.

Како ќе се покажат Бабишови во новата улога која им ја довери народот, и дали Моника ќе прерасне во уште поголема модна икона во Чешка, останува да видиме. Она што е несомнено е дека допрва нејзиниот стил ќе биде анализиран до најситен детаљ и споредуван со оној на Меланија.

извор:aktuality.sk

фото извор: aktuality.sk; extra.cz; blesk.cz;

Објавено:
24 октомври 2017
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
1.383 пати