Младата Зендаја (20) веќе со години одлично се котира на холивудската сцена и е еден од омилените ликови на новата генерација. Својата кариера ја започнува во 2010 година, кога таа има само 14 години, во серијата „Shake It Up“ на каналот „Дизни“.

Инаку, актерката и пејачка, а од неодамна и модна дизајнерка Зендаја Колман, е родена на 1-ви септември 1996 година во Калифорнија. Нејзината мајка работела во театар, како сценски менаџер, па малата Зендаја уште од најмала возраст имала можност да ја почувствува магијата на актерскиот свет.

Токму затоа не изненадува фактот што се одлучува да запише уметничко училиште, а за време на образованието паралелно е активна во локалниот театар. Актерскиот занает ќе го надградува во American Conservatory Theater и  Cal Shakes Conservatory. Покрај тоа, одлично и танцува, па неколку години ќе биде член на танцувачка група. Исто така, „хула“ танцот го учела на Академијата за хавајски уметности.

Во времето кога почнува да ја гради актерската кариера, се впушта и во светот на моделингот, па соработува со модните компании „Macy’s“ и „Old Navy“.  Во рекламата за Sears, Зендаја се појавува како танчерка на Селена Гомез.

Иако нејзиното целосно име и презиме гласи Зендаја Мари Стормер Колман, во јавноста го користи само првото име и е една од ретките јавни личности што се појавува само под едно име, како и Шер на пример.  Инаку, нејзиното име на јазикот на Шона луѓето од Зимбабве значи „благодарност“.

Во 2013 стана уште попопуларна со учеството во шоуто „Dancing with the stars“, а вниманието на модната индустрија го привлече со интересниот стил и честото менување на фризури.

Поборник е на природниот изглед и се противи на фотошоп фотографии.

-Имав едно снимање неодамна и фотографиите ги видов денес. Се шокирав кога видов дека моето 19-годишно тело, колкови и торзо се изменети. Токму ова се работите што прават жените да се чувствуваат неубаво и да создаваат нереални иделани за убавина, што денеска се прилично наметнати. Секој што знае која сум, знае дека единствено ја почитувам искрената и чиста љубов кон себе – изјави Зендаја во една пригода.

Во модниот свет уште повеќе се наметна со пласирањето на своја модна линија насловена како „Daya by Zendaya“, но уште повеќе што парчињата со нејзин потпис опфаќаат и големини од 32 до 44 и се унисекс.

-Инклузивноста е многу важна за мене. Тоа е нешто што мораше да ми се случи. Не можам само да зборувам на оваа тема и да ги сакам луѓето без да ги рушам бариерите и да не го спроведувам тоа во дело. Ако е така, тогаш би било лажно. Сакам луѓето да имаат квалитетни парчиња и реални, кога се работи за цената. Ако сте студент, нема да можете да си купите јакна од 500 долари, тоа нема смисла. Исто така и големините. Сакав и мајка ми да може да ја носи облеката што ја дизајнирам. И мојата сестра да може. Во моето семејство има толку многу облици и големини, па сакав секој да може да се пронајде и тоа важи за било кое семејство. Да се почувствуваат сите вклучени – објаснува талентираната девојка.

Кога е нејзиниот личен стил во прашање, за него последниве години се грижи Ло Роах, истиот стилист што од Селин Дион направи вистинска икона.

Зендаја често ја гледаме во монохроматски комбинации или во металик парчиња што ги комбинира со некои едноставни и тоа совршено го носи.

Кога сите стравуваа, таа го прегрна и трендот на волуменозни парчиња, а покажа дека и пастелните нијанси можат да изгледаат одлично на некој со потемна боја на кожа, само доколку знаете да ја одберете вистинската.

Една од модните лекции што ни ги даде е и како можат да се носат риги со риги, како и да се експериментира со текстури.

Нејзината тајна, покрај мултиталентираноста, е во постојаната надоградба и вложување во себе. Каде и да се појави ништо не е препуштено на случајноста и секогаш ја носи насмевката со себе, бидејќи токму и нејзиното животно мото е „Не заборавај да се смееш“.

За крај, неколку работи што можеби и не сте ги знаеле за неа.

 -омилениот десерт и е сладолед од кафе, а омилно јадење – буритос.

-пред да стане актерка, мислела дека ќе биде кошаркарка. Пред да им каже дека спортот не ѝ е толку омилен играла и фудбал и трчала. „Кога бев во градинка и во основно училиште“, родителите ме носеа на кошарка, одев на натпревари и бев многу активна. Иако знаев дека уметноста е тоа што сакам да го правам, длабоко во срцето јас сум машкуданка. Татко ми мислеше дека ќе сум првата жена во НБА“.

-Вегетаријанка е.

-Дијамантите ѝ се опсесија.

-Јамајка е нејзината земја од соништата.

-Најмногу внимание троши на изгледот на веѓите и ноктите.

-Татко ѝ е професор, но свири и на тапани и кога била мала се успивала до него додека тој свири.

-Не смеела да излегува со момчиња до 16-тата година.

-Сака да црта и да пишува пиезија.

-Мајкл Џексон бил нејзиниот идол и долго време се облекувала исто како него.

Објавено:
13 април 2017
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
883 пати