Есенско уживање: Три едноставни рецепти од тиква!

18 октомври 2016

Тиквата е дефинитивно кралица на сите есенски јадења и непресушен извор за гурманите. Без разлика на тоа како ќе ја подготвите, таа ќе биде вашиот сојузник за сите есенски случувања.

По потекло од Мексико, тиквите пристигнале во Европа преку трговските бродови во кои биле товарени со тони поради тоа што биле многу лесни за пренесување и не се оштетувале воопшто.

Тиквата е многу повеќе од храна, таа има сочно „месо“ во портокалова боја, многу е хранлива, а и ценета е од сите светски нутриционисти.

Она што е многу добро е што истата има многу малку калории, а полна е со каротен, витамин А, витамин Ц, Е и К, како и витамини од групата Б, калиум, фосфор, калциум, железо и се препорачува во сечија исхрана.

Таа е нешто што се препорачува за сите оние кои имаат проблеми со мочните патишта и бубрезите, но и оние кои имаат тешкотии во желудникот и простатата.

Во сезона кога сите прекрасни пазари се полни со убави парчиња сочни тикви, вистинско време е овој викенд да уживате во неколку едноставни рецепти со тиква кои ги читате во продолжение.

-Погачи со тиква и сирење

За ова јадење ви се потребни три шолји брашно, малку сол, јогурт, масло, едно јајце, три шолји „месо“ од тиква и едно пециво. Измешајте го брашното со пецивото, па додајте малку масло или путер. Во смесата додадете едно изматено јајце, пирето од тиква и јогуртот. Од тестото формирајте мали погачи со чаша и ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени околу 15 минути. „Месото“ од тиквите исечете го на коцки и малку пржете го на масло, па ставете го одозгора врз погачите. Додајте и парчиња сирење и послужете како предјадење.

-Крем супа од тиква

За ова јадење ви се потребни 300 грама тиква, малку масло, неколку парчиња пилешко месо, мускатно оревче, сол и бел пипер. Тиквата исечете ја и запржете ја малку на загреаното масло. Зачинете и полека добро изгмечете ја. Кога целосно ќе омекне, ставете ја во блендер и додајте ги преостанатите работи заедно со малку топла вода и имате совршена крем супа за сечиј вкус.

-Пита од тиква со цимет

Во еден сад ставете 250 грама брашно и една лажица сол. Исечете околу 120 грама путер на коцки и додадете го во смесата. Во друг сад измешајте едно јајце, една лажица вински оцет и малку вода. Оваа смеса додадете ја во садот со брашно и мешајте да добиете еднолично тесто. Оставете го половина час во фрижидер. Во еден голем сад ставете две јајца, додадете 400 грама печена тиква, една лажица цимет, 100 грама шеќер, малку сол, малку ѓумбир и мускатно оревче. Во садот ставете и 250 мл. слатка павлака и мешајте додека не добиете еднолична смеса. Во сад за печење ставете го тестото од фрижидерот, па одозгора истурете ја оваа смеса и печете на 175 степени од 30 до 40 минути. 

Објавено:
18 октомври 2016
Категорија: 
Направи сам
Прочитано:
4.727 пати