Како да ја одберете совршената облека за коктел забава?

20 ноември 2013

Со оглед на тоа што се ближи сезоната на прослави, ние решивме да ви посочиме неколку правила и совети за тоа како треба да се облечете за секоја забава на која ќе бидете поканети.

Дотерувањето за било каква пригода секогаш треба да ви претставува задоволство, но понекогаш е тешко да ја одберете соодветната облека за на различните забави. Во пространството од блескави новогодишни креации, вие дефинитивно треба да си го најдете своето место.

За да го избегнете моментот на оставање на лош впечаток на забавата, прочитајте ги советите што следат и дозволете истите да ви помогнат во правењето на совршените комбинации за предновогодишните забави.

Забава во канцеларијата

Забавите на вашето работно место или оние со колегите, многу често знаат да предизвикаат двоумење кога станува збор за облеката. Решението лежи во тоа што треба да се потрудите да направите совршен баланс помеѓу креативните комбинации и оние елегантните по кои сте познати на работното место. Обидете се да бидете поразлична од она што секојдневно ве гледаат на работа, но сепак задржете се на класичниот изглед. Непогрешливата комбинација за ваква забава се класичните црни панталони и белата шик кошула која ќе ја ставите внатре во панталоните. Одозгора можете да облечете некое интересно палто и секако – потпетици во боја!

Lady's night

Вечерта со вашите другарки е совршена за испробување на последните модни трендови. Дозволени се секаков вид на здолништа, џемперчиња, блузони или коктел фустани. Секако, кога велиме дека се е дозволено, мислиме на се она што сепак изгледа вкусно. Готскиот изглед дефинитивно е хит за оваа сезона! Облечете секси тесен црн фустан што ја следи линијата на вашето тело, почестете се со кармин во темно црвена боја и не ја заборавајте вашата омилена зимска бундичка или капутче. Ставете некој впечатлив накит и облечете ги вашите омилени потпетици или уште подобро чизми!

Семејна забава

Време е за лежерен стил! Иако многупати на ваквите собири сакате да се покажете во најдоброто светло, семејните забави и собири се време за релаксирање. Најдобро ќе биде да се одлучите за сосема обични фармерки и свилена кошула во интересна боја во комбинација со чизми до колена. Доколку сепак станува збор за посвечен семеен собир, фармерките заменете ги со здолниште и чизмите со елегантни, но сепак удобни потпетици. Не заборавајте да го ставите вашето омилено ланче што ќе остави впечаток кај присутните.

Свечена вечера/време за елеганција

Во реалниот живот и немаме многу гала настани на кои треба да изгледаме елегантно и да ги облечеме нашите најубави тоалети. Но, во пресрет на новогодишните празници дефинитивно може да бидете поканети на некоја гала забава каде треба да изгледате беспрекорно. Кога велиме беспрекорно, не мислиме на скапо. Денеска може да се најдат голем број на свечени тоалети за такви пригоди што не чинат цело богатство. Секогаш, доколку имате доволно време, можете и да си ја сошиете таквата тоалета. Доколку веќе во вашиот плакар имате соодветна тоалета, не двоумете се и облечете ја со тоа што ќе смените или додадете неколку мали детали на истата.

Ние се надеваме дека овие мали совети ќе ви помогнат за да ја одберете совршената облека за коктел забавите што следуваат, а веруваме дека ќе ги има многу.

Објавено:
20 ноември 2013
Категорија: 
Направи сам