Како да одберете идеален костим за капење

1 јули 2013

Ова задолжително летно парче треба да го бирате првенствено според обликот на телото. Преку кројот и боите во прв план да ги ставите физичките предности и да ги сокриете неправилностите, а потоа да земете предвид дали ви се допаѓа моделот и колку е тој тренди.

 

Совршен модел за жени со крушковидно тело  

Жените што имаат колкови пошироки од рамениците треба да носат класичен и едноставен костим кој во горниот дел се врзува околу вратот, бидејќи таквиот начин на врзување визуелно ги проширува рамениците. Исто така жените со ваква градба треба да бираат долен дел во облик на шорц, по можност во темни бои. За подобар баланс, горниот дел нека биде со шарен принт. За крушковидните жени препорачуваме ретро модели на костими за капење кои ги прикриваат критичните места, а ги издолжуваат нозете.

 

Градба во облик на песочен часовник

Жените со ваква градба имаат тенок струк и истакнати облини во делот на градите и колковите. Кога се во прашање истакнати облини, важно е дополнително да се нагласи женската силуета. Идеален избор е едводелен костим за капење – горниот дел во облик на популарните тријаголничиња, а долниот со врзување на страна. Ако се градите повеќе истакнати, тогаш горниот дел треба да биде во потемна боја и дополнително зацврстен.

 

Мали или големи гради!?  

Кога е градниот кош во прашање, прикладниот костим прави чуда. Тој може визуелно да ги зголеми, да ги смали и да им даде вистинска потпора. Најдобар избор за жените со мали гради се дводелните костими во јаки бои и принтови кои во горниот дел се збогатени со набори и карнери кои визуелно ги зголемуваат градите. Исто така на жените со мали гради им се препорачува горен дел со необични геометриски облици, разни пруги, шари и други впечатливи детали. Неизоставни се моделите со горен дел кој е поставен за да се постигне push-up ефект (доколку сакате визуелно да ги зголемите градите), или банана-моделот кој е создаден за жени на кои им пречат малите гради.

Што се однесува пак до големите гради, изборот на бои треба да биде насочен кон потемните нијанси, а горниот дел треба да биде дополнително зацврстен со фишбајн, внатрешни корпи или дополнителна лента под градите. Препорачливи се едноделните модели, избегнувајте карнери и набори, впечатливи шари и тријаголничиња со тенки ленти. Секогаш бирајте дебели бретели кои се создадени за поголеми гради.

 

Тело без облини

Жените со атлетска и рамна градба покрај тоа што поседуваат мали гради, често имаат неистакната половина, па затоа им одговараат креации кои создаваат ефект на песочен часовник. Тоа се најчесто едноделни модели високо скроени во долниот дел и кои од страната имаат изрези кои визуелно создаваат изглед на тенок струк и истовремено ги прошируваат колковите.

 

Објавено:
1 јули 2013
Категорија: 
Направи сам