Мила Кунис и Зое Салдана: Лежерна и гламурозна трудница со неверојатно сладок стил!

31 јули 2014

Веќе знаеме дека ова лето голем број холивудски девојки чекаат принова, па доколку сте и вие во истата состојба, ние денеска ви ги прикажуваме најдобрите комбинации на златните девојки на Холивуд – Мила Кунис и Зое Салдана.

И додека едната дефинитивно е кралица на лежерниот стил што дефинитивно го обожува секоја трудница, другата пак е вистински професионалец кога станува збор за гламурозниот и елегантен стил.

Прекрасната црномуреста актерка, во моментов е на турнеја на која го промовира нејзиното последно филмско остварување „Guardians of the Galaxy“, па месецов дефинитивно можевме да уживаме во нејзините одлични стајлинзи што и стојат уште подобро сега кога е во поодмината бременост.

Без разлика на тоа што таа е бремена, тоа воопшто не ја спречи да прави супер комбинации како што тоа беше и случај претходно, со оглед на тоа што таа важи за една од најдобро облечените актерки во Холивуд.

Ова лето, воопшто не двоумете се да облечете тесно фустанче што дополнително ќе го истакне вашиот стомак, бидејќи апсолутно нема ништо за криење зад широки парчиња. Она што секогаш треба да ви биде на ум е облеката да ви биде удобна, што не значи дека секогаш удобното треба да значи широко.

Инспирирајте се од прекрасната Зоe и носете тесно фустанче до колена изработено од мек и лесен материјал што ќе ви го олесни движењето, а доколку се чувствувате способни и доколку не сте во последните месеци од бременоста, истото можете да го комбинирате и со потпетици, но запомнете дека и рамните чевли и оние со полна пета се соодветни за елегантен избор на облека.

Таа предлага и широки летни фустанчиња од стомакот надоле со неодолив животински или цветен принт, кои ќе ви овозможат леснотија, а истовремено ќе изгледате неверојатно тренди и шик. Актерката без никаков проблем ги комбинира и здолништата со висок струк со софистицирани кошули за неверојатно елегантен изглед. Таа е вистински професионалец и кога станува збор за носењето комбинезони во текот на бременоста, за што ќе каже дека се како создадени за топлите месеци од летото кога вашиот стомак расте сѐ повеќе.

За разлика од Зоe Салдана, актерката Мила Кунис има сосема поинаква перцепција за стилот во текот на бременоста. Според нејзините досегашни појавувања, откако соопшти дека го чекаат првото дете со нејзиниот партнер Ештон Качер, можеме да забележиме дека таа е вистински обожавател на лежерниот стил во бременоста. Скоро секогаш за време на прошетките, можеме да ја видиме во чифт удобни тренерки или пак хеланки во комбинација со широка маичка во кои секогаш изгледа неверојатно слатко.

Актерката ниту во текот на бременоста не се откажа од нејзиното омилено парче во плакарот – фармерките. Таа многупати ги комбинира со тесна маичка на прерамки во која неодоливо го истакнува трудничкиот стомак. Во неколку наврати пак, истите ги комбинира и со широки маички на куси ракави за кои ќе каже дека се нејзините најдобри сојузници за време на бременоста.

Како и нејзината колешка, така и прекрасната Мила вели дека одличен избор за секоја жена што е бремена во текот на летото, се широките и лелеави фустани, но и долгите здолништа што таа скоро секогаш, ги комбинира со тесни маички на прерамки.

Се чини, најслаткиот дел од бременоста на неодоливата Мила Кунис е тоа што таа понекогаш сака да носи и куси маички од кои ѝ се наѕира трудничкиот стомак за што мора да признаеме дека е неверојатно слатко, но секогаш, во умерени граници.

Актерката не изостанува зад нејзините бремени колешки кога станува збор за јавни појавувања, но доколку порано скоро секогаш можевме да ја видиме во тесни и секси фустанчиња, сега бира малку пошироки и полежерни комбинации што и прилегаат одлично.

Доколку и вие сте во иста ситуација како овие холивудски убавици, во продолжение инспирирајте се од нивните слатки, летни, труднички комбинации!

Објавено:
31 јули 2014
Категорија: 
Направи сам