Моден рецепт: Како да комбинирате плисирани здолништа

24 септември 2015

Иако звучи како рецидив од некој заборавен плакар, сепак плисираните здолништа постојано си го наоѓаат своето место во современите модни трендови.

И ако некогаш изборот се ограничуваше на плисирани фустани изработени од лесни и лелеави материјали, сега е проширен на многу побогата „палета" и во однос на материјалите и во однос на дезените, а во последниве трендови особено актуелни се оние од еко-кожа.

Можеби плисираните здолништа се најблиску до стилскиот сензибилитет на романтичните девојки кои би одбрале некоја пастелна боја и би ја комбинирале со бела кошула и нежен накит, но доколку ја направите соодветната комбинација тогаш ова тренди парче одлично ќе се вклопи и кај девојките со спортски, минималистички или авангарден стил. Се е препуштено на различните нијанси во комбинирањето.

Една опуштена и лежерна варијанта со плисирано здолниште е онаа каде што ќе го спарите со спортски џемпер и патики и мини чанта за преку рамо.

Во вечерна варијанта пак, може да изберете миди плисирано здолниште со висок сјај, и да го комбинирате со блуза со отворено деколте или корсет со ременче околу половината.

За деловните дами, изборот на комбинации со плисирано здолниште е бесконечен. Може да направите спој со кошула или маичка со интересен принт врз која ќе облечете сако, а во зависност од тоа каков работен ден ве очекува, изберете помеѓу балетанки или чевли на висока потпетица.

Во продолжение селектираме неколку инспиративни комбинации.

 

Објавено:
24 септември 2015
Категорија: 
Направи сам
Прочитано:
2.344 пати