Моден рецепт: Уметнички организатор за накит

4 септември 2013

Секоја девојка, па и жена обожава накит, а декоративните модели кои ни ги нудат модните брендови, овој период ни овозможуваат да си ја збогатиме колекцијата со убаво парче накит кое можеме да го купиме на попуст.

Секако дека крајниот резултат е куп ѓердани, алки, прстени, обетки, брошеви изработени од метал, дрво, текстил, накитени со бисери, монистра, камчиња...кои понекогаш ни предизвикуваат главоболка, бидејќи немаме соодветно место каде да ги чуваме, а истовремено треба да ни бидат постојано на дофат за да можеме да ги комбинираме во нашиот секојдневен изглед.

 

 

Креативните инсталации на неколку инвентивни умови за некого од вас ќе бидат совршено решение кое ќе ви го реши проблемот со пронаоѓање вистинско место за чување на вашиот накит, но и ќе го збогати вашиот ентериер со интересно парче мебел.

Првата опција е рамка за слика или огледала кои веќе не ги користите. Монтирана на гардероберот или на ѕидот и што е можно поголема. Изгледа прекрасно и аристократски. Во рамката вметнете стиропор или картон на кој ќе можете да го закачите накитот.

Исто така плочата одоздола може да биде и од поцврста структура како на пример меко дрво на кое претходно ќе има заковано закачалчиња, па вие ќе можете да ги додадете вашите омилени парчиња накит. Ако сте љубител на винтиџ стилот во внатрешноста на рамката можете да вметнете миленца и на дупчињата да го закачувате накитот. Можете да земете и картон на кој ќе залепите вински тапи и потоа ќе ја монтирате рамката, па можете накитот да го закачувате и на винските тапи.

 

 

Закачалките не мора да служат само за закачување на облека, на нив можете да ги обесите вашите ѓердани и потоа закачалката да си ја ставите некаде во вашата соба. Ако собирате шишиња тогаш вашите алки и часовници можете да ги ставите околу грлото на шишето. Нека ви бидат шишињата во различна боја, така ќе ви биде уште поинтересно.

 

 

Рендето не е само предмет за во кујна. Ако е старо и рѓосано, премачкајте го со боја, оставете го да се исуши и наредете ги вашите обетки.  Друга идеја е на ѕидот да си монтирате шипки на кои ќе можете да ги закачите вашите ѓердани и алки.

Ова се само неколку идеи со цел да ја разгориме вашата фантазија за креирање интересни решенија со кои ќе можете да си го освежите и домот и вашето секојдневие.

 

 

 

 

 

Објавено:
4 септември 2013
Категорија: 
Направи сам