„Модни правила“ кои вреди да ги прекршите

14 март 2018

Понекогаш во модната индустрија, токму прекршувањето на непишаните правила, отвора нова врата кон нови стилски правци, трендови, можности за креативно „лудување"...

Затоа ригидното придржување кон „правилата", не секогаш значи соодветен стајлинг, допадлив изглед или сигурен избор, туку може да не доведе во ситуација на монотонија и едноличност.

Понекогаш едноставно треба да му се препуштиме на инстинктот и личното стилско сетило, што може да нè одведе до ново ниво на нашиот индивидуален имиџ, до авантура која секогаш со себе носи и ризик, но истовремено и можност да откриеме поинаква страна на нашиот визуелен стил.

Како што циркулираат тенденциите во модниот свет, така постојано на сметка на одредени „правила" се наметнуваат други, а со тоа се менува и моменталниот лик на модната сцена.

Она што е суштинско е да останеме доследни на својот идентитет, а чевлите не мора да бидат во комплет со чантата, принтот може да го комбинираме со друг принт, а облеката може да ја купиме и во поголем број во однос на нашата конфекциска величина...

Чантата и чевлите не мора да бидат компатибилни
Чантата и чевлите може да бидат и во сосема различни дезени (за разлика од правилото кое вели да се компатибилни), а тоа пак да изгледа естетски совршено споено. Сведоци сме на такви примери во колекциите на најизвиканите модни брендови, како и кај најпопуларните икони на стилот актуелни во уличната мода.


Принт со принт? Може!
Она што важи за популарен хит во модниот свет е еклектичниот спој на принтови, со што правилото „не се комбинира принт со принт" не важи. Актуелните тенденции изобилуваат токму со разноликост во однос на бројни варијанти на комбинации на принтови.

Поголем конфекциски број...
Со оглед на тоа дека предимензионираната облека веќе неколку сезони е на врвот на листата на модни трендови, често се наоѓаме во ситација да купиме облека во поголем број во однос на нашата стандардна конфекциска величина – лежерни, удобни и широки парчиња. Но, она што е исклучително важно е да не го форсирате овој тренд, доколку не соодветствува на вашиот личен стил, затоа што ефектот ќе биде спротивен од посакуваниот.

Објавено:
14 март 2018
Категорија: 
Направи сам
Прочитано:
4.002 пати
Тагови: 
модни правила