Модни совети на кои никогаш не треба да заборавите

28 мај 2018

Без разлика во која животна декада сме, на сите ни е заедничко тоа што сакаме да изгледаме најдобро што можеме. Освен негата, во тоа секако придонесува и изборот на облека и обувки. 

Некои велат во модата не постојат правила, други велат постојат, но она што е сигурно е дека по некој издржан и добронамерен совет не е на одмет.

Во продолжение ви презентираме, односно ве потсетуваме на модни совети што никогаш не треба да ги заборавите:

 

Кога се двоумите, дотерајте се

Сигурно сте се нашле во ситуација да треба да појдете некаде, но не сте сигурни како да се облечете. Кога се двоумите помеѓу тоа дали да се дотерате или да изберете некој понеутрален изглед, секогаш одберете ја варијантата да се дотерате. Тоа не значи секогаш да облечете свечена тоалета, но сепак подобро да отскокнувате по убаво, отколку спротивното. Да се издвоите од толпата не мора секогаш да е лоша работа. Всушност и добра е, ако добро ја насочите.

 

Тестирајте ги трендовите на модни додатоци

Ви се допаѓа кога ќе видите како некој носи на пример женско одело со принт, што е еден од најактуелните трендови сезонава, но не знаете дали ќе умеете добро да го носите? Не испробувајте нешто нагло или пред важен настан. Одлучете се подобро за моден додаток во принт- чанта, чевли, марама или било што по ваш сензибилитет и полека привикнувајте се на новите модни трендови.

 

Правило на трето парче

Доколку носите џинс и едноставна блуза во неутрални нијанси, тогаш третото парче што го носите нека биде во некоја интензивна нијанса - на пример јакна или чевлите/чантата. На тој начин нема да „избегате“ од замислата, а сепак ќе ја освежите комбинацијата. 

 

Рамни чевли наспроти потпетици

Не сте сигурни какви обувки да носите со здолништата и фустаните? Еве еден едноставен совет што може да е од помош. Кога носите здолниште што е над колена, носете рамни обувки. Ако здолништето е подолго, тогаш високите потпетици се подобра веријанта, бидејќи ќе ве издолжат. Во спротивно може да изгледате визуелно пониски. Секако, постојат исклучоци, но со ваков избор ќе ги задржите пропорциите складни.

 

Леопард принтот е неутрален

Многумина имаат предрасуди кон животинскиот принт и не се сигурни при комбинирањето. Но во основа леопардот е неутрален и понекогаш е одлична замена за црни, бели или беж парчиња. Може лесно да се комбинира со речиси сè - од светли бои, до металик парчиња, па дури и друг принт.

 

Поседувај „класика“

Мантил, кожена јакна, тексасна јакна се трите парчиња што вечно ќе бидат актуелни. Затоа, кога следниот пат ќе купувате некое од нив, потрудете се да инвестирате во добро парче, бидејќи се работи за „модни класици“ кои секогаш ќе ви требаат.

 

За подолги нозе - иста боја

Ако сакате визуелно да ги издолжите нозете, чевлите и панталоните нека бидат во иста боја.

 

Хеланки и кратка маица се забранета комбинација

Иако тоа е честа глетка низ улиците, хеланките секогаш се носат со туника или долги кошули. И тука нема компромис. Притоа, не зборуваме за хеланките за вежбање или трчање, тоа е друга категорија. Впрочем, тие не би требало воопшто да се имплементираат во секојдневните комбинации.

 

Бела облека и долна облека

Кога носите бели панталони или кошули, што притоа се транспарентни, одберете соодветна долна облека. Не е „кул“ да носите долна облека во друга боја, или со апликации. 

 

Не купувајте затоа што е евтино - туку затоа што ти е потребно

Ова нека ви биде мантра за следниот пат кога ќе тргнете во шопинг. Ќе видите колку квалитетот на купувањето облека ќе ви се подобри, во секоја смисла.

 

Објавено:
28 мај 2018
Категорија: 
Направи сам
Прочитано:
3.065 пати