Направи сам: 10 идеи за декорации со тикви

1 октомври 2018

Доколку сакате да го освежите домот со нови декорации, а притоа да не вложувате многу, ние имаме предлог за вас. Октомври е месецот кога тиквата настапува на сцена со сите нејзините позитивни страни.

Освен што можете да ја искористите за да направите превкусни јадења, тиквата може да биде совршен есенски декор во домот. Тие ќе внесат рустичност и топлина во амбиентот. 

Како? Погледнете ги нашите едноставни предлози во продолжение:

 

Тиква+ боја

За ваква декорација ви се потребни тикви и малку боја. Може и темперни, а може и прехрамбени. Од исцртување на линии или точки, преку боење на тиквите да изгледаат како цветови (фотографија 3), па сè до омбре бојадисување на тикви или мат ефекти, изборот е ваш. Не ограничувајте ја креативноста, само приспособете ја на вашиот простор и замисла.

 

Тикви што не личат сосема на тикви

Ако веќе зборуваме за бојадисување на тиквите, доказ дека можете да направите сè што ќе посакате се и овие фотографии. Со помош на бои и малку умешност, тиквите можат да изгледаат како вкусни благи крофни. На втората фотографија се исцртани принтови во свежи бои, додека третата варијанта се колор-блок комбинации, со што тиквите повторно потсетуваат на вкусни колачиња.

 

Декупаж техника

Тиквите можете да ги украсите и со познатата декупаж техника. Потребно ви е малку умешност и прецизност, салфетки и белка од јајца, доколку немате соодветен прибор за декупаж и секако креативност. 

 

Украсни ленти

Ова е можеби и еден од наједноставните начини да направите интересна декорација. Потребен ви е само силикон или лепак и украсни ленти. Можат да бидат од хартија со интересен дезен, ленти од тантела или пак панделки со кои ќе направите декор во склад со „Ноќ на вештерките“.

 

Украсни гранки

Тиквите можат да бидат совршен начин да направите декорација со гранчиња. Дали се работи за суви цвеќенца, бобинки или сосема голи дрвени гранчиња, па да ги дополните со други украси (како примерот од фотографија број 3), изборот е ваш. Она што е сигурно е дека сите изгледаат интересно, впечатливо и најважно од сè, премногу едноставно и нема да ви одземе време. 

 

Цветни тикви

Со помош на тикви можете да добиете совршени цветни декорации. Можете да ги залепите од надворешната страна на тиквата, или пак, да ја издлабите, па да ја искористите како вазна. Третата варијанта е да ги ставите цвеќињата околу рачката на тиквата, а дополнително да ја украсите то боја или украсна хартија.

 

Изрезбана тиква

Ако сте вешти со рацете и притоа резбањето ви оди од рака, не размислувајте воопшто дали да „жртвувате“ тиква за ваква декорација. Ќе добиете навистина уникатна и рустична декорација, која ќе ви го облагороди просторот. Резбата може да биде поповршна, но може да направите и подлабоки резби и да оформите разни фигури.

 

Апликации

Ако бојата не ви е омилена или не се снаоѓате добро, постојат уште можности како да ја имплементирате тиквата во ентериерот. Можете со везени апликации, или како на пример број три од светки, да ѝ дадете нов лик на тиквата како декор. Есенските лисја исто така можете да ги искористите во овој контекст, а и комбинацијата на тикви со различни форми, како на примерот број два, можат да бидат супер интересен декор и за најмладите.

 

Тикви со очи

А кога сме кај најмладите, малечки тикви на кои ќе им залепите очи ќе бидат еден од најомилените работи во домот на вашите деца или внуци. Толку едноставно, а толку интересно!

 

Тикви+свеќи

За крај, тиквите можат да бидат супер декорација и за на маса, особено во комбинација со свеќи. Одберете некоја порамна, што ќе стои стабилно на масата. Нека биде издлабена до половината да речеме, а потоа во неа зацврснете или поставете стаклен сад со свеќи. Можете да додадете и гранчиња цвеќе или пак трева, како на фотографијата. Како и да одлучите, само внимавајте сè да е стабилно!

Објавено:
1 октомври 2018
Категорија: 
Направи сам
Прочитано:
727 пати