Пет корисни совети: како визуелно да изгледате повисоки

1 март 2018

За добар стил, многу е значајно да си го познаваме сопственото тело, сите наши предности или недостатоци. Секогаш постојат корисни стилски решенија што ќе ни помогнат да ги потенцираме предностите, а да го „камуфлираме" она што не ни се допаѓа.

Доколку сакате визуелно да изгледате повисоки, тогаш ви посочуваме неколку интересни и практични совети како тоа да го постигнете благодарение на соодветните комбинации на парчиња облека, бои, кроеви или дезени...

Ремен околу струкот на предимензионирана облека
Предимензионираната облека веќе неколку сезони е тренд. Широки парчиња носиме сите, независно од нашата телесна конституција. Но, значајно е како ја носиме и со што ја комбинираме. Потенцирајте го струкот со ремен врз предимензионираниот блејзер или капут, така ќе ја нагласите линијата на вашата силуета.

Мини здолниште во комбинација со чевли со шпицест врв
Едноставна, а ефективна комбинација. Внимавајте чевлите да бидат во некоја беж нијанса со што дополнително, визуелно ќе ги издолжите нозете.

Панталони со висок струк
Овој тип на панталони се една од водечките тенденции, така што нема да имате проблем да го најдете омилениот пар. Комбинирајте ги со маички или кошули, со чевли на високи потпетици...

Во црно од глава до пети
Класика на која секогаш се враќаме. Безвременска комбинација која е секогаш сигурен и практичен начин како визуелно да изгледате повисоко.

Макси капут
Нема да згрешите ако вложите во квалитетен макси капут што често може да го видиме комбиниран во стајлинзите од уличната мода, а една од многуте негови предности е што визуелно ја издолжува фигурата.

 

Објавено:
1 март 2018
Категорија: 
Направи сам
Прочитано:
4.752 пати
Тагови: 
совети