Пиво чисти злато, кечап чисти сребро

24 август 2018

Лесни модни трикови се секогаш добредојдени. Неодамна зборувавме дека мицеларната вода е одлична за чистење чевли од велур, а денеска ви презентираме неколку трикови за тоа како во домашни услови најдобро да го исчистите златниот и/или сребрениот накит.

Сребрен накит:

Кечап: Нежно нанесете кечап на парчето сребрен накит и оставете неколку минути. Потоа само исперете под вода и исушете.

Оцет и сода бикарбона: Помешајте 1/2 шолја оцет и две лажички сода бикарбона, па во смесата ставете го накитот. Оставете го неколку часа, а потоа исперете со вода и исушете.

Сол и алуминиумска фолија: Помешајте две чаши жешка вода со една лажичка сол. Кога солта ќе се растопи сосема, додадете неколку ленти алуминиумска фолија и вашиот сребрен накит. Нека отстои неколку минути, а потоа исперете и исушете го.

 

Златен накит:

Пиво: Дел од мека чиста крпа намокрете во пиво и со неа чистете го парчето накит. Потоа земете друга чиста крпа да го пребришете. Исто така, можете во мала чашка да ставите пиво и да го ставите златниот накит да отстои, а потоа да го пребришете со чиста крпа. 

Сјај за садови: Неколку капки од средство за миење садови капнете во сад со топла вода. Во течноста ставете го златниот накит и нека стои така 10 до 20 минути. Потоа земете стара четкичка за заби и поминете го нежно накитот. На крајот, измијте со вода и исушете го.

Зовриена вода: Златниот накит ставете го во стаклен сан. Потоа зовријте вода и полека исипете ја преку накитот во садот. Чекајте додека водата не се излади доволно за можете да ги извадите парчињата накит од течноста. Потоа истријте ги нежно со стара четкичка за заби. На крајот, повторно измијте ги и исушете.

Објавено:
24 август 2018
Категорија: 
Направи сам
Прочитано:
556 пати