Почнете ја годината со нови навики

2 јануари 2015

Сите планови што ги зацртавте, а не ги остваривте во изминатата година време е да ги реализирате. Почнете од основата и вербалното претворете го во практична реализација.  Како приоритет ставете ги нештата кои се ваше секојдневие. За енергичен почеток на годината, акумулирајте само позитивна енергија која најпрвин ќе ја создадете сами. Малите нешта секогаш го прават животот поинтересен, затоа посветете внимание на сè она што не стигнавте да го ставите во вашата агенда од 2014 година. Ако сте отворени за мала сугестија во тој поглед, во продолжение издвојуваме неколку примери, а дел од истите можете да ги изведете додека ги уживате деновите поминати во домашен амбиент.

Носете македонски дизајн

Да се биде поразличен, уникатен и индивидуален во модна смисла е пред се лично задоволство. Во време кога достапноста на домашниот дизајн ја има во квантитет, треба да сме особено среќни  пред се поради квалитетот и оригиналноста.  Време е да излезете од рамките на стереотипот дека дизајнерската облека најчесто е со астрономски суми, да го пронајдете дизајнерскиот сензибилитет кој ви се допаѓа и е близок до вашиот, а со тоа да го дополните гардероберот барем со едно парче облека со македонски потпис.

Не ги повторувајте грешките

Откажете се од трендовите кои се инстантни и прават само да се претопите со конформистите. Бидете поразлични и свои! Секој од вас носи своја енергија поразлична од сите останати. Вие сте сам свој создавач на сопствениот идентитет. Нека другите ве препознаваат по нешто кое иако можеби го имаат и останатите, вие ќе го интерпретирате поразлично.

Носете боја во зима

Развеселете ги студените денови со гардероба во боја. Докажано е дека боите можат да влијаат на расположението, затоа уште денес изберете комбинација од  весели бои и заобиколете ја црната.  Размислувате и делувајте во боја!

Потрошете ги парите за квалитет

Задоволството е многу поголемо кога ќе вложите во квалитет, а тој секако чини. Подобро е да носите квалитет, отколку постојано да ги трошите парите на нешта кои ќе ви траат многу малку и постојано ќе треба да ги обновувате. Оваа навика ќе ја применувате поретко, но со поголема сатисфакција.

Не замижувајте пред  модна едукација

Во време кога интернетот е една од најмоќните алатки и ви овозможува во секое време пристап до многу информации, време е да ги примените. Светските модни магазини ги имате на дофат, почнете да ги читате почесто, едуцирајте се, а негативните критики сфатете ги како комплимет кој бесплатно ве насочува. Секако читајте Fashionel.mk!

Преуредете го гардероберот

За почеток на годината, откако сигурно направивте хаос во гардероберот при празничните подготовки, одвојте барем еден час за да го вратите во нормален ред.  Со тоа организирани ќе го почнувате секој следен ден, а кога вистинската облека е на вас, позитивното расположение и сопствено задоволство е гарантирано!

 

 

 

 

Објавено:
2 јануари 2015
Категорија: 
Направи сам