Пролетни модели на фустани според градбата на вашето тело

17 април 2014

Сигурно со нетрпение очекувате да си заминат тмурните облаци и да го однесат со себе врнежливото и студено време за конечно да можете низ градските улици да ги прошетате омилените фустанчиња. Секоја девојка има свој стил и модни преференции, но генералниот заклучок е дека сите сакаат да изгледаат тренди, модерно и урбано.

Затоа решивме да ви подготвиме мал водич што ќе ви помогне во изборот на вистинскиот модел на фустан што ќе соодветствува со вашата конституција, изглед, градба на тело и нормално модни апетити.

Тип – Големи гради

Доколку вашата конституција е во V-форма, односно имате големи гради, тогаш  комбинирајте фустани со цветни апликации што имаат преклоп на деколтето, нивниот крој е рамен или пак се стегнати со појас под градите и имаат широко здолниште. На тој начин ќе ја истакнете вашата силуета и ќе го издолжите торзото.

Тип – момчешка градба

За девојките чие тело е со момчешка градба, најсоодветен избор би биле фустаните што имаат затворено деколте и се во прав крој или пак се стегнати на половината. Идеални за нив би биле моделите на фустани со принтови на геометриски линии и форми или пак оние со цветни дезени. Сепак нивната конституција би одговарала и со уште неколку други инвентивни апликации.

Тип – јаболко

Девојките чија градба е во форма на јаболко треба да внимаваат на воспоставувањето баланс на своите пропорции, бидејќи  тежината им е сконцентрирана во централниот дел, односно стомакот. Затоа, фустани со затворено деколте, три-четврт ракави, со нагласена половина и глок здолниште со стилизирани кроеви, украсени со свежите пролетни бои.

Тип - круша

Слабата точка на девојките со градба на круша се задникот и колковите. Затоа  фустаните во А-крој се идеалното решение за да ја истакнат својата силуета. Апликациите со вертикални линии или стилизирана квадратчиња, како и издолжените флорални принтови се изборот на дезени со што ќе направат да изгледате како урбана дива.

Тип -  балерина

Девојките со конституција на балерина имаат долги нозе, издолжен врат и рамна силуета. Макси фустаните со изразена половина во цветни и тропски дезени се одличен избор што ќе ја истакне вашата фигура.

Тип – мали гради

Кратките еднобојни фустанчиња на прерамки се вистинското решение за девојките со мали гради.

Тип – plus-size

Со оглед на тоа дека имате покрупна градба мора да бидете внимателни во комбинирањето на модните парчиња. Моделите на кошула-фустан со должина до под колена стегнати на половината треба да бидат дел од вашиот моден идентитет. Хоризонталните линии и дискретните флорални дезени обоени во пролетни нијанси ќе бидат полн погодок.

Тип – долго торзо

Девојките со изразено торзо треба да комбинираат кратки фустанчиња на прерамки стегнати под градите. Дизајните треба да бидат со континуирани принтови без прекршување на шари за да се постигне ефектот на сразмерна силуета.

Тип – песочен часовник

За девојките со широки раменици, тенка половина и широки колкови, што всушност според стилистите е идеалната градба на женското тело одлично би соодветствувале фустани што ја следат линијата на телото а во горниот дел се затворени во најразлични принтови.

Тип – ситна градба

На овие девојки одлично би им стоеле модели на фустани со дебели прерамки, стегнати на половината со волуменозно здолниште. Популарниот princess крој на фустани со флорални принтови и геометриски облици идеално би се вклопил во нивната дневна модна агенда.

Тип – атлетска градба

Девојките со атлетска градба имаат широки раменици и тесни колкови. Изборот на фустан за нив треба да биде со спротивен крој за да ја избалансирате вашата силуета. Фустаните со миди должина, како и оние што напред пократки, а назад подолги се одлична варијанта за вас.

Тип - мало торзо

Ако имате мало торзо, тогаш фустаните со рамен крој и затворен вратен израз одлично ќе се вклопат во вашиот моден мозаик. Експериментирајте со принтовите и дезените и бидете девојка со стил и покрај вашиот недостаток.

 

 

 

Објавено:
17 април 2014
Категорија: 
Направи сам