Сакате да изгледате софистицирано како француските жени? Ова се нивните совети!

3 октомври 2013

Француските жени отсекогаш биле оние на кои сме им завидувале за нивната исклучителна елеганција и женственост. Не само што секоја од нив изгледа неверојатно младо, без разлика на тоа колку години има, туку тие поседуваат и неверојатен стил во текот на целиот живот.

Тие тоа го прават на толку лесен и природен начин, што изгледа како воопшто и да не се трудат, и како стилот и модата едноставно да им се во крвта. Оттука, не е ни воопшто чудно тоа што последните истражувања покажаа дека француските жени изгледаат седум години помладо од британските на наполнети 40 години.

francuska devojka

Она со што можеме да ве израдуваме е тоа дека ние имаме некои од нивните најдобри совети околу негата, шопингот и тоа како една жена да остане софистицирана до крајот на животот.

Задолжително грижете се за вашата кожа

carla bruni

Француските жени уште од мали нозе од своите мајки учат дека задолжително треба да се грижат за својата кожа. Од нивните 12 години, тие учат како правилно да ја чистат кожата на лицето и какви производи да употребуваат, и токму затоа и знаат како правилно да ги нанесуваат кремите против стареење по 30 – тата година од животот. И да, месечната посета кај дерматолог е нешто задолжително, а не луксуз! Што се однесува до кожата на телото, тие секогаш употребуваат средства што задолжително содржат бадемово масло и морска сол.

Употребувајте нежна шминка

marion cotillard

Она што прво ќе го забележите кај француската жена е дека тие секогаш изгледаат природно и со свежа кожа. Тоа е така заради совршената нијанса на пудра што тие ја одбираат за нивната кожа. Тие нанесуваат многу малку пудра и ја размачкуваат внимателно и совршено по сите делови на лицето, покривајќи ги сите дамки. На крајот, ставете ги двете раце на лицето и благо притиснете. Кога станува збор за очите, тие употребуваат еден слој маскара преку ден и два навечер во комбинација со суптилен ајлајнер.

Грижете се за вашата коса

vanessa paradis

Косата на француската жена никогаш нема да ја видите премногу стегната, сува или пак со некоја фризура што бара употреба на многу лак. Тие дефинитивно сакаат сосема природна, пуштена долга коса, а за да добијат на квалитет, тие ја мијат косата само два пати во неделата. Она на што тие не штедат, е редовното одење на фризер и квалитетната фарба за коса. Спротивно на популарното тврдење, тие не мислат дека светлите нијанси прават да изгледате помладо.

Одржувајте добра фигура

brigitte bardot

Дали е вистина дека француските жени никогаш не се дебелеат? Па, може да се рече. Французите се гурмани во срцето и сакаат големи порции од нивната омилена храна, но повеќе од тоа си ја сакаат својата облека. Немојте да верувате во приказните дека тие не вежбаат и дека се природно слаби. Тие обожаваат добар час по пилатес и едноставно не можат без него. Чаша бело вино секако е дозволено, но не и газирани пијалаци или пиво.

Одбирајте комбинации со стил

Француските жени секогаш ќе ги видите во совршени комбинации што изгледаат неверојатно модерно и шик. Но, нивната тајна е во ставот. Додека многу жени не сакаат другите да ги гледаат, француските жени уживаат во тоа. Задолжително во вашиот плакар имајте неколку елегантни парчиња облека меѓу кои и елегантно црно здолниште, неколку свилени, лежерни кошули и неизбежниот мал, црн фустан. Секогаш одбирајте неутрални бои, а акцентот ставете го на впечатливите модни додатоци. Преку ден одберете елегантни балеринки и не грижете се доколку чантата и чевлите не ви се совпаѓаат – тоа е она што Французинките го обожуваат!

Објавено:
3 октомври 2013
Категорија: 
Направи сам