Како сами да си направите уникатно шарено фустанче за на плажа?

 

 

Потребни елементи:

Бела долга маица на куси ракави

Комплет бои за фарбање облека

Игла и конец

 

 

Ја земате маицата и почнувате да ја виткате од делот каде сакате да почнува вашиот спектар на бои. Ја виткате додека не дојде во форма на куќичка од полжав. Така свитканата маица изгледа како печена пита. Ја поделувате на 6 дела со помош на ластик за коса. Откако ќе ја поделите секој дел го посипувате во боја. И ја ставате блузата во пластична кофа да стои од 8 до 14 часа. Потоа земете ја и исперете ја на рака. Оставете ја да се исуши.

 

 

Понатаму, исечете и ги ракавите. Откако ќе го сторите тоа,  не ги фрлајте ракавите, зачувајте ги, подоцна ќе ви затребаат. Завртете ја маицата од опачината и скратете ги ракавите од двете страни од 3-5 сантиметри по ваша желба, така што задниот дел да наликува на рамбовка.

 

Потоа исечете го околувратникот и направете права линија, веднаш под него. Задната страна исечете ја на  три рамномерни дела, до половината на маицата. Сега земете ги трите дела и сплетете ги во плетенка.

 

 

Крајот на плетенката ќе го споите со предните две прерамки од маицата, и ќе ги зашиете. За да не се познава делот кај што сте ја зацврстите плетенката, земете од материјалот од ракавите и исечете едно парче со дебелина од околу 5 сантиметри. Замотајте го околу плетенката и прерамките и ќе добиете прстен кој изгледа мошне модерно како детаљ на маицата, а е и совршена маска за недостатоците.

 

 

На крај добивате супер тренди и модерно фустанче за на плажа.

 

 

Објавено:
24 јуни 2013
Категорија: 
Направи сам