Совршените бели колачиња за оваа зима

9 декември 2016

Веќе е вистинско време полека да почнете да се подготвувате за празничната трпеза и да собирате нови рецепти со кои ќе ги изненадите најблиските.

Покрај чоколадните колачиња и торти во кои сигурно сите уживаат, оваа година направете и бели снежни топчиња кои покрај тоа што се преслатки на изглед, тие го имаат најдобриот зимски вкус.

Ако ви здодеаја класичните рецепти кои ги сервирате секоја година, ова е навистина лесна и едноставна промена на која сите ќе се израдуваат.

Веројатно овие колачиња ги знаете како ванилици, но овој пат ви ги прикажуваме во едно малку поинакво и повкусно руво.

Истите одлично одат со чај или кафе во студените зимски денови кога ќе бидете дома со семејството и заедно ќе го прославите најубавиот период од годината.

Потребно:

260 гр.брашно

220 гр.путер

70 гр.ореви, бадеми или лешници

30 гр.шеќер во прав + уште малку за украсување

Еден ванилин шеќер

Подготовка:

Измешајте го шеќерот заедно со ванилиниот шеќер и путерот додека сѐ добро не се поврзе. Ставете и од брашното и мелените ореви и соединете ги со смесата. Оставете ја целата смеса во ладилник малку да отстои. По желба, во тестото можете да додадете парчиња чокоалдо, бомбончиња, желе, суво грозје, бои и екстракти зависно од вашите желби.

Загрејте ја печката на 170 степени, ставете хартија за печење на тавата, а од тестото направете мали топчиња и ставете ги на хартијата. Печете околу 15 минути, изладете ги и потоа поросете со шеќер во прав.

Добар апетит!

Објавено:
9 декември 2016
Категорија: 
Направи сам
Прочитано:
3.044 пати