@Аnaillustrations со своите модни илустрации интересна за Инстаграм заедницата

26 мај 2017

Младата 17-годишна  средношколка, Анастасија Петрески вниманието ни го привлече на Инстаграм каде објавува свои модни илустрации што со секоја следна објава изгледаат се посовршено. Нејзиниот талент е неспорен, а тоа што очигледно се труди да го надогради, беше доволна причина да ја контактираме и да дознаеме нешто повеќе за неа.

„Од секогаш сум сакала да бидам дел од модниот свет, тоа е тоа што ме поттикнува да работам. Сè уште сум почетник во ова, но сè се учи ако доволно се посветиш и го правиш со желба. Се сметам за креативна личност, но истовремено сум и самокритична и мислам дека тоа е добра особина за секој што сака да успее" го почнавме разговорот со Анастасија која на Инстаграм ќе ја најдете како @anaillustrations.

Доколку го разгледате нејзиниот профил на Инстаграм, ќе забележите модни илустрации на креации на познати светски како и домашни модни брендови.

„Цртам секогаш кога ќе имам слободно време. Ги следам сите познати модни брендови и ги одвојувам за илустрации парчињата што најмногу ми се допаѓаат како и останатите илустратори, а и учам сама од нив. Со секој нов цртеж приметувам мало подобрување, а при тоа најважни се пропорциите на телото што почнав добро да ги запазувам. Најмногу уживам правејќи ги деталите" го продолжуваме разговорот со Анастасија.

Вели дека Инстаграм се покажал како одлична алатка за промоција на нејзиниот талент.

„ Ми помогна повеќе отколку што очекував. Забележана сум од повеќе познати личности од домашната естрада, па се до познати светски брендови како што се Фенди, Зухаир Мурад, Galia Lahav..."

Не крие дека нејзина најголема амбиција е да биде успешен моден дизајнер, а смета дека токму модните илустрации и нивното усовршување ќе и помогнат да ја оствари својата голема професионална желба. Токму затоа и планира своето образование да го продолжи на некој од факултетите за моден дизајн.

„Најголем предизвик ми е секако да имам свој бренд и име за кое ќе чујат сите, а моите соништа се некаде во Милано, каде би сакала да имам свои модни ревии", го завршуваме разговорот со талентираната модна илустраторка.

Објавено:
26 мај 2017
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
1.345 пати