Арнолд Њуман - уметник кој ја напиша историјата на фотографскиот портрет

14 декември 2013

469146

Важи за еден од најпознатите артисти кои знаат како совршено да креираат уметнички инсталации на светлината лансирани низ блендата на фотообјективот. Најпознат по изработка на портретни фотографии на познатите личности, но и на лицата на луѓето кои се борат со секојдневието.

Станува збор за ветеранот во изработка на фотографии, пример и ментор на многу генерации, големиот уметник Арнолд Њуман. Роден во  Њујорк во 1918 година. Њуман, првенствено бил посветен на проучување на сликарските техники кои се однесуваат на дизајнот на цртежите. Се запишал на Универзитетот во Мајами и студирал со  стипендија, бидејќи не можел да го издржи финансискиот товар сам.

 

Арнолд Њуман

 

Економската криза која ги одбележа триесеттите години, и неуспехот на семејниот бизнис, во 1938 година, го принудиле овој талентиран уметник да се вработи како асистент во фотографско студио во Филаделфија, чија специфика била изработка на портрети за само 49 центи. Ова е пресудниот момент кога тој почнува да ја учи важноста на интеракција со луѓето како предмет во изработката на фотографијата. Во 1941 година во Галеријата на Менхетен во Њујорк ја провира својата прва фотографска изложба, локација каде тој подоцна се преселува и отвора свое студио. Првите соработки му биле со актуелните списанија од тој период како Vanity Fair, Life, Harper’s Bazaar, Newsweek и Esquire.

 

 

Приоритетите во поглед на естетичниот момент во самата фотографија, кај него доаѓа од светлината. Фотографското искуство и софистицираниот пристап се должи на експериментите од најраните фотографски ангажмани, прво со уличната фотографија, а потоа и со создавањето на портрети. Неговите први „волонтери“ на кои им правел портретни фотографии, во главно се уметници кои биле дел од неговиот круг на пријатели, како што се Брак, Миро, Шагал, Мондријан и други европски експресионисти, а подоцна му позирале и писатели, музичари и личности од политиката. Како едни од најзначајните личности кои застанале пред неговиот фотообјектив се Марлен Дитрих, Џон Ф.Кенеди, Артур Милер, Одри Хепберн. Њуман е универзално признат како еден од најголемите уметници на дваесеттиот век, а неговата работа драстично ја смени историјата на фотографскиот портрет и неговото суштинско значење, одбележувајќи ја патеката на новите генерации и поттикнувајќи ги научниците да измислуваат нови пронајдоци во поглед на фотографската технологија.

 

Мерилин Монро

 

Тој се смета за татко на портретот за животна средина и првиот кој решил да фотографира субјекти во нивниот секојдневен амбиент и опкружување, во својот дом, на работа во канцеларија, на улица, користејќи притоа техника на контрасти на бои, а најмногу во црно бела варијанта.

 

Мерилин Монро и Хенри Вајнстајн

 

„Никој не може да отиде толку длабоко како Њуман, никој не може да му се приближи на субјектот, како што тој го направи тоа. Во неговите слики може да се види текстурата на кожата, телото, порите, суштината и душата на човечкото суштество. Тоа е моќен талент кој му се препишува единствено нему и на никој друг“, вели Артур Олман, пријател и колега на Њуман, професор по фотографија во Сан Диего на Државниот Универзитет.

 

 

Своите најдобри фотографски портрети ги има изработено за реномирани списанија за мода, како на пример соработката со Harper's Bazaar, каде осамна фотографијата со портретот на Игор Стравински, кој навидум изгледаше сосема нормално. Игор седи покрај своето пијано, а позадината е во бела боја. Но доколку се набљудува фотографијата малку подолго добивате впечаток дека сенката која се создава од инструментот има форма на музичка нота, која е во идеална хармонија со ликот и неговата сенка, креирајќи визуелна метафора на илузија која нуди повеќе слики во една. Одговорните на списанието првично не сакале да ја објават но нема сомнеж дека се работи за една од неговите најуспешни и најоригинални ремек дела.

 

 

За разлика од уште еден уметник кој твори во неговото време, работејќи како фотограф за модни списанија Ричард Аведон, кој повеќе се задржува на тоа субјектите да ги претстави комплетно такви какви што се , обрнувајќи посебно внимание на светлата и сценографијата. Њуман се посветува на природниот и секојдневниот амбиент со кој постојано се соочуваат луѓето, комплетирајќи ја неговата фотографско визуелна поема со елементи кои се карактеристични за тој амбиент, кои треба да бидат сведоци на карактерот и душата на самата личност, а не туку така случајно ставени за да го потполнат просторот во самата композиција.

 

 

Пред да почне да слика некого, Њуман прво се запознава со личноста, воочувајќи ги неговите навики, гестикулации и начин на однесување. Неговата лична визија произлегува од напливот на емпатија, која се раѓа како мотив од искрениот пристап и интерес кој што тој го остварува со предметот или субјектот. Дел од неговите портрети наликуваат на откровенија. Њуман е фотографот која ја сликаше безвременската модна икона Мерилин Монро неколку месеци, пред трагичната смрт. Тој не ја претстави како секс симбол, туку како несреќна жена.

Секогаш во своите изјави, Њуман тврди дека силно влијание врз неговиот начин на сликање има ликовната уметност на Вермер, кој беше прогласен за господар на портрети кои ја доловуваат животната средина. Сепак, неговите фотографии содржат силна симболика, предизвикуваат сомнежи и метафори отсликувајќи ја вистинската состојба на личноста. Арнолд предавал фотографија на Универзитетот Купер за напредни науки и уметности во Њујорк. Починал во 2006 година, но зад него остави големи дела.

Објавено:
14 декември 2013
Категорија: 
Портфолио