И додека сите останати блогерки обожуваат да патуваат по светот фотографирајќи се на егзотични места со тони шминка на себе, оваа кретивна девојка го прави спротивното.

Повремено уживајќи во благодетите на животот, Леандра Медин е целосно посветена на нејзината интернет страница  Man Repeller каде заедно со нејзините вработени, секојдневно објавува интересни стории, интервјуа и стилски совети.

Покрај тоа што оваа девојка е исклучително интелигентна, има и една посебна смисла за хумор која можеме да ја видиме преку нејзините стајлинзи, објави на страната и анкети што обожува да ги прави низ нејзиниот роден Њујорк.

Како што самата ќе каже, нејзината мисија е да му ги покаже на светот нејзините комбинации составени од слоевити винтиџ парчиња кои секогаш се толку добро споени.

Она што таа го раскажува низ шега, а за кое е многу свесна, е фактот што на мажите не им се допаѓа нејзиниот стил, ниту пак ги привлекува.

Но, тоа не е нешто што ја загрижува, со оглед на тоа што пред околу три години таа му го кажа судбоносното „да“ на нејзиниот избраник, Абрахам Коен.

Додека сѐ уште студирала новинарство, таа имала можност да пишува за некои од најголемите светски магазини како Харперс Базар, Грациа, Њујорк Пост и уште неколку други, што многу ѝ помогнало подоцна да се снајде во нејзиниот бизнис.

Она другото со што оваа девојка воодушевува, е тоа што не е голем обожавател на шминка, па така речиси на сите настани можеме да ја видиме со чисто лице. Досега, само неколкупати сме имале можност да ја видиме со црвен кармин, за кој ќе каже дека е доволен за секоја посебна пригода.

Вљубена во женската  верзија на речиси сите машки парчиња, оваа креативна девојка обожува да носи здолниште со панталони, комбинезони, широки кошули и палта, но понекогаш и женствени фустани и волуменозни здолништа.

Доколку сѐ уште сте немале можност да се запознаете со стилот на Леандра Медин, ние денеска ви го овозможуваме тоа.

Објавено:
12 август 2015
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
5.982 пати