CLVSÉ Society е модерен одраз на урбаниот уличен дух

15 јануари 2019

CLVSÉ Society е урбан, уличен бренд базиран во Солун, зад кој стои ентузијазмот, темпераментот и љубовта кон индивидуалниот моден израз на младиот, 23-годишен сопственик на брендот Сотирис.
Пасијата кон модиот дизајн кај Сотирис не е воопшто случајна, ако се земе во предвид фактот дека пораснал во семејна компанија која е директно инволвирана во модната индустрија.

„Пораснав во семејство кое се занимава со моден бизнис во последните 15 години. Уште од мала возраст поминував часови во компанијата и кај мене се создаде длабока пасија кон модниот дизајн. Тоа ми помогна и да развијам сопствен стил. Иако моето формално образование не е поврзано со мода, сепак годините поминати во оваа бранша ми го дадоа потребното искуство", го започнавме разговорот со младиот креативец.

Кај Сотирис по годините поминати во семeјната компанија, силно се развила потребата да создаде нешто свое, дизајн што ќе ја носи неговата визија и ќе ја одразува неговата естетика.

„Идејата за CLVSÉ започна пред неколку години, како резултат на мојата потреба за облека која ќе одговара на мојот индивидуален стил, која што истовремено ќе биде и удобна и елегантна, која ќе се носи и во текот на динамичен работен ден и за време на опуштено вечерно излегување. Па решив да дизајнирам токму таква облека. По една година планирање и работа, создадов колекција која сакав да ја споделам со остатокот од светот. Реакцијата на луѓето ја стимулираше мојата мотивација да продолжам да го развивам овој бизнис", вели Сотирис.

Како што ќе потенцира и самиот, естетиката на CLVSÉ е одраз на неговиот урбан и динамичен животен стил.

„Јас сум навистина динамична личност, доста сум енергичен и сакам кога деновите ми се зафатени. Исто така сакам и да патувам. Потребна ми е облека во која истовремено и се чувствувам и изгледам добро. Без сомнеж, уличната мода е полето во кое најдобро „пливам", вели нашиот соговорник.

Во линиите на CLVSÉ Society акцентот е ставен на минималистичкиот дизајн во кој секогаш се присутни лежерни линии, широки крoеви и логото на брендот.

„Фокусот го ставам на минималистичкиот дизајн, на облека со кул и лежерна нота. Маички, дуксери, шорцеви, тренерки, се најчесто парчињата што ги креираме, секако во зависност и од сезоната. Креираме и рачни изработки преку кои се зацврствува припадноста кон нашата „екипа". Облеката со нашиот потпис е унисекс, а тоа е уште една наша карактеристика", додава Сотирис чии дизајни може да ги погледнете на www.clvse.com и @clvsesoceity.

А кога го прашавме, кој всушност е Сотирис, ни рече дека ова прашање му е најтешко да го одговори, со оглед на тоа дека е сестрана личност со широки креативни видици.

„Јас сум личност која сака да работи и се дава 100% за тоа што го работи. Навистина ја сакам мојата работа и воопшто не ми пречи да работам со часови. Секогаш сакам да го добивам најдобриот резултат од тоа што го работам и секогаш ги слушам мислењата на моите деловни партнери. Мислам дека клучот на нештата е да се биде оптимист и на крај секогаш да се најде решение за секој проблем", го заокруживме разговорот со нашиот млад и амбициозен соговорник.

Неговата бизнис стратегија го води кон проширување на неговиот бренд и како што ни потенцира, во периодов е зафатен со селектирање нови продажни места надвор од неговата земја, со цел неговиот бренд да стане светски познат.

 

Објавено:
15 јануари 2019
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
306 пати