Еден ден во животот на вистинска принцеза...

10 август 2016

Принцезата Јуџини од Јорк е можеби една од најинтересните во светот за која всушност многу ретко се пишува, а навистина има што да каже. 

Она што првично ќе ве изненади за неа е дека таа има вистинска работа во уметничка галерија, но признава и дека оттаму имаат разбирање за нејзините обврски како принцеза. 

Оваа 26 – годишна убавица се појави на страниците на септемвриското издание на Харперс Базар, облечена во прекрасни креации од најпознатите светски дизајнери, носејќи го најубавиот накит од Булгари. 

Во интервјуто за магазинот таа раскажува за нејзините секојдневни обврски и како всушност поминува денот на една принцеза. 

Станува рано, најчесто околу 6.45 часот изутрина за да вежба, а потоа и да го започне работниот ден. Она што прво го прави откако ќе се разбуди, ги чита приватните мејлови на кои како што вели, секогаш одговара и е подготвена да се справи со денот ако има некој проблем. 

Веднаш потоа оди во блискиот парк на трчање, а некогаш и во приватна сала само за жени, каде вежбаат многу познати личности меѓу кои и манекенката и актерка Кара Делевињ. 

На патот кон дома, таа купува овошје и зеленчук од локалниот супермаркет во кои ужива пред да почне да се подготвува за на работа. 

Кога станува збор за одбирањето на соодветна комбинација за денот, принцезата Јуџини ќе каже дека од неодамна почнала да носи потпетици на работа, нешто што претходно не го практикувала. 

„Гледам девојки кои носат потпетици и си велам како издржуваат, како го можат тоа?“ 

Речиси секој ден таа сака да носи парчиња од Зара, Топшоп, Сандро, Маје и други слични high street брендови кои ги обожува. 

Принцезата најчесто се шминка сама во автомобилот на патот до работа, единствено употребувајќи маскара и бронзер како нејзини омилени производи. 

Со работа почнува во 9 часот во галеријата Hauser & Wirth, каде се грижи за сите проекти, настани и артисти поврзани со галеријата.

„Ја обожував уметноста уште од мала. Дефинитивно знаев дека нема да бидам сликар, но знаев дека ова е правецот за мене. Се радувам што можам да ја споделам мојата пасија за уметноста и со други луѓе“, вели Јуџини. 

После работа, таа најчесто попладнето го поминува со семејството или на некои хуманитарни настани организирани од нејзините најблиски. 

За нејзиното семејство ќе каже дека тие се луѓето без кои таа не може да живее, а особено е поврзана со нејзината мајка без која не може да помине ниту еден ден.

Иако понекогаш сака да оди на вечера во локалните ресторани кои ги обожава, таа сака и да ужива готвејќи во домашна атмосфера. 

Речиси секогаш по вечерата, сака да ги гледа нејзините омилени серии меѓу кои и How to get away with murder, The Walking Dead и Outlander. 

Пред спиење, секогаш го чисти лицето со специјална вода и се подготвува како секоја друга девојка, но ќе каже и дека сака да размислува за денот што изминал и најчесто не заспива пред полноќ. 

Објавено:
10 август 2016
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
1.521 пати