Филигранот е мојот ракопис

29 март 2018

Фасцинацијата од филигранот како уметност е безвременска. Таа бесконечна игра на огнот и сребрената жица има некоја чудесна моќ, за која мајсторите на овој занает велат дека ве обзема. Сето трпение, умешност, прецизност, личен печат и креативност вткаени во изработката на филигранот, ја создаваат неговата непроценлива вредност.

На оваа тема разговаравме со Јованка Јанкоска, дамата чија страст кон изработката на филиграни, созреала во мајсторска вештина, преку која создава еден посебен свет од сребрена жица. Тука водечка нишка се имагинацијата, мечтите, изсотрената естетика, посветеното време без компромис, што во една совршена меѓусебна синергија, создаваат опиплива уметност која е парче пресликано од фантазијата на филигран мајсторот.

Како се случи Вашата љубов со филигранот?

-Љубовта кон рачна работка и можноста да изработувам нешто особено и нешто посебно ме следат од детството: правев секакви експерименти, најчесто нешта што за мене тогаш претставуваа вид накит. Со години потоа, кога ќе добиев нова идеа, а таа мораше безмалу веднаш да биде реализирана - во недостиг на платно некогаш користев чаршави од комплетите за постелнина. Потоа, разбирливо, имав проблем со мајка ми. Имав обичај замисленото дента да го нацртам, искројам, сошијам, да го избојам со бои за текстил, за истата вечер да излезам облечена во него. Го засакав тој предизвик на создавањето на модни детали и облека и тој ја дефинираше мојата животна патека – завршив уметничкото училиште, се вработив во Македонската Телевизија како асистет костимограф, а станав и сценограф. Тоа беше исполнување на моите соништа: изработка на маски, накит, украсување на стилски костими, круни, сценографии – беше динамично, возбудливо, со учество во многубројни проекти и предизвици.
Користев повеќе техники на изработка на накит, но филигранот – играта на среброто и огнот - светлината, енергијата и емоцијата што ја нудат на создавачот како и на оној што ќе го носи филигранот чинам ме обземаа засекогаш. Барем сега е така, а тоа чуство е во мене еве децении по ред.

Велите ова е занает кој бара посебна емоција, но и крие свои тајни. Како Вие ги откривте?

-Посетував обука за изработка на филигран кај мајсторот Аднан Рамадани во Старата Скопска Чаршија. Таму всушност го совладав основниот процес на изработка на филигранот. Со секојдневна работа, експериментирање и искуство, самостојно се надградувам и навлегувам се подлабоко во тајните на занаетот. Следам и се што на тоа поле се случува: интернетот ги направи достапни сите најнови релевантни информации, како и контактите со луѓето со кои не спојува филигранот.

Какви вештини би требало да поседува еден успешен дизајнер на филиграни?

-Потребни се трпеливост и љубов кон она што го работиме и да се препуштиме на чувствата, тие да не водат понатаму. Филигранот секогаш ја носи истата порака – не може да се работи доколку не ја обземе и душата и срцето - како вонвременски спој на дизајнерот и среброто што добива форми создадени од фантазијата на создавачот. Барем јас така го чуствувам.

Со оглед на неговата уникатна вредност, филигранот е реплика на индивидуалниот стил на неговиот креатор. Каков е карактерот на филигранот што Вие го изработувате?

-Филигранот го чуствувам како мој ракопис за уметноста на создавањето, за убавината, неповторливоста на времето. Веројатно така било со векови - со сребрени нишки одново и одново да се трага по оригинални форми кои во себе го носат печатот на времето, градејќи ја традицијата. Нашата народна традиција, нашето богато Македонско културно наследство е големиот извор на инспирации за мене. Тоа е основата, почетокот од кој се движам кон дизајнот што ми е близок, што го градам со години, што е мојот уметнички израз. Филигранот го доживувам како моја уметност.

Можете ли да ни го објасните целиот процес на создавањето на еден филигран...

-Филигранот е целосно рачна изработка на накит и други предмети од тенка сребрена жица. Филигранскиот занает опфаќа работа од повеќе фази: За добивање на филигранска жица првин се подготвува среброто, и тоа најчисто – едновремено и најмеко, што се топи во графитно лонче наречено пота. Потоа среброто се разлева во правоаголен оловен калап со плитки вдлабнатини, а за да не се залепи со калапот се премачкува со восок. Вака се добиваат сребрени прачки со дебелина од 8 до 10 милиметри. Кога ќе се изладат, првин се растенчуваат и се провлекуваат низ дупчињата на една правоаголна метална алатка позната под името срмач. На срмачот се наоѓаат дупчиња со различен пречник така што да може да се добие филигранска жица со дебелина од еден до 0,25 милиметри. Дел од жицата поминува на валц и се добива сплескана жица „улза", а дел се усукува и поминува на валц, за да послужи за пополнување на основата, позната како полнетица ,,тура ''. Откако материјалот е подготвен, со подебела жица се прави основната форма, според скицата. Потоа основната форма се пополнува со најтенката жица, нежна како пајажина. Кога ќе заврши тој процес на синтетизирање на деталите, доаѓа делот на дополнителната доработка, без која неможе да се замисли филигранот. Во тој процес секако може филигранските облици да се облагородат со бисери или благороден камен.

Какво е Вашето досегашно искуство во однос на интересот на купувачите и кои се нивните најчести барања?

-Последниве години интересот за рачна изработка е зголемен. Најчесто првиот интерес на купувачите е за парчиња од колекциите накит што ги подготвувам, но дел од купувачите имаат посебни желби кои настојувам да ги исполнам. На нивните идеи и замисли подготвувам предлог – скици, а одбраната им ја изработувам.

Како ги класифицирате Вашите изработки, што се може да се создаде преку филигран техниката?

-Филигранот за мене е инспирација – секое парче е нов предизвик. Така направив филигрански обвивки за пенкала и за УСБ стикови, филигрански рамки за огледала, филигранска чашка за Велигденските јајца... Имам изработено и филигрански ореоли на икони. Најголем предизвик за мене беше изработката на златниот венец за Струшките вечери на поезијата 2015.

На што работите периодов во Вашата работилница и која е Вашата следна амбиција кога е во прашање филигранот?

-Во моментов ја подготвувам новата колекција испирирана од природата. Досега на нашата публика и се преставив со две изложби, а моја следна амбиција е да се преставам и надвор од нашата држава.

Објавено:
29 март 2018
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
650 пати