Инес де ла Фресанж (60): Не може да бидете шик ако не ви е удобно во сопствената кожа!

26 јули 2018

„Ако не се чувствувате удобно и свои во споствената кожа, не може да бидете шик", е можеби еден од најреалните и најкорисните заклучоци на француската икона на стилот, Инес де ла Фресанж.

Во седмата деценија од животот, Инес го поседува кредибилитетот да сподели корисен совет благодарение на богатото животно искуство, а од друга страна сама по себе е пример како виталноста, животната енергија и широката насмевка на лицето немаат никаква допирна точка со годините, туку се дректно поврзани со состојбата на умот и личниот пристап кон нештата.

Инес во 80-те години била еден од најизвиканите топ модели, муза на Карл Лагерфелд и парижанка „по учебник". Во непосреден контакт со светската модна индустрија со текот на годините, таа го изградила својот профил на безвременска стилска икона.

„Најлошото што една жена може да го направи како одминуваат годините, е да се придржува на истите модни правила кои ги применувала во возраста кога за себе мислела дека изгледа најдобро. Многу жени сметаат дека ако нешто изгледало добро на нив кога имале 35 години, подеднакво добро ќе изгледа и во подоцнежните години. Мислам дека тоа е погрешно и дека постојано треба да трагаме по својот стил и да си играме со модата", ќе изјави во 2011 година кога со уште неколку авторки ќе ја напишат книгата „Parisian Chic" која се продала во милионски тираж.

Во меѓувреме, таа основала и сопствен бренд, дизајнирала неколку колекции за „Uniqlo" и нпишала уште шест книги.

Инес има една интересна констатација која вели дека Французинките се разликуваат од Американките по тоа што тие својата „фина" облека не ја чуваат за посебни пригоди, туку секојдневно ја комбинираат со нивната лежернаоблека, па така носат свила со џинс или елегантно парче го комбинираат со патики.

А што денес 60-годишната Инес не носи?

„Нема повеќе да ме видите во мини здолништа, кожени јакни или крзнени капути. Повеќе не носам ниту костуми од твид, тие одлично им прилеаат на моите ќерки", вели Инес.

Додава дека порано дизајнерите, особено во 80-те, биле во потрага по манекенки кои изгледаат посебно, а денес според нејзиното видување сите наликуваат една на друга.

 

Неколку корисни совети плус:

-Не комплицирајте. Мојата дневна униформа се бели фармерки и џемпер во тегет боја. Не сакам да носам многу бои на себе, одеднаш.

-Не е добро да сте зависник од трендовите, но понекогаш теба да ризикувате. Променете го барем начинот на кој ја чешлате косата или бојата на карминот.

-Занемарете ги логоата на брендовите. Нема потреба да се фалите со тоа.

-Позајмете облека од вашиот партнер. Сакам да носам широка облека како машки кошули со каиш околу струкот.

Објавено:
26 јули 2018
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
344 пати