Инста стил: Модерен џентлмен (@g.mitrov)

22 септември 2016

Социјалните мрежи веќе се сериозна алатка во рацете на маркетинг индустријата, но исто така, доколку правилно и прагматично се користат се и одлична платформа за себе промоција или медиум за лично изразување.

На Инстаграм ќе го најдете како @g.mitrov, има над 4000 следбеници за сега, но со оглед на неговата се поголема популарност на оваа социјална мрежа, очекувано е дека тој број интензивно ќе расте.

Првиот впечаток што го добивате благодарение на неговите беспрекорни фотографии, е дека се работи за вистински џентлмен. Токму и на таа тема разговаравме со Горан Митров, но не пропуштивме да го прашаме и за неговиот личен стил, за влијанието на неговата работна функција во Елена Лука врз начинот на перципирање на модниот свет, како и за тајните на успешниот Инстаграм профил.

Како би го дефинирале Вашиот личен стил?

Многу ми е тешко себеси да се сместам во еден конкретен стил на облекување. Сакам да експериментирам со облеката, мојот дневен аутфит најмногу зависи од тоа како се чувствувам, а и од пригодата или настанот ама ајде да кажеме дека најмногу се пронаоѓам во софистицираниот класичен стил на облекување. Сакам да носам и полежерни парчиња нормално и да направам фотографија во „street style" фазон, ама поради природата на моето работно место тоа многу ретко се случува.

Кога веќе го спомнавте Вашето работно место, како Елена Лука влијаеше на Вашиот стил?

Елена Лука не само што го усоврши мојот стил и го истенчи мојот вкус туку во голема мера го промени и начинот на кој јас го гледам луксузот во парчињата облека. Со самото тоа што секојдневно доаѓам во контакт со најквалитетни материјали и ткаенини дефинитивно научив што значи добар производ. Исто се однесува и на кројот и квалитетот на изработката, Елена Лука во овој поглед за мене ги подигна стандардите на многу високо ниво, дефинитивно. Секогаш кога купувам ново парче пресуден е моментот дали го има истиот квалитет како што го нудиме ние во нашата модна куќа.

Кои се брендовите што најмногу сакате да ги носите?

Не се ограничувам. Нормално сите ние имаме некој бренд што посебно ни лежи ама не се ограничувам, купувам што ми се допаѓа. Најчесто носам одела изработени по нарачка. Многу е битно оделото добро да одговара на телото и да биде по мерка. Елена Лука во повеќе наврати сето тоа за мене го прави многу успешно.

Која е тајната на добриот стил? Колку финансиите играат улога? Како до добра комбинација?

Стилот можеби е вроден не знам, но во голема мера и се учи. Финансиите се битни до некаде ама не се пресудни. Многу пари не секогаш значат добар стил и обратно. Најчесто држам до тоа да купувам безвременски квалитетни парчиња. Имам облека што ја носам со години и сè уште е во одлична состојба. Внимателно одбирање на парчињата и спојување и тоа е тоа. Како до добра комбинација? Во мојот случај најдобрите комбинации ги добивам кога малку фали да задоцнам, па на себе ставам што ќе стигнам во брзање. Среќа речиси секогаш успешно .

Кое е задолжително парче во Вашиот секојдневен изглед?

Ако треба да издвојам само едно ќе речам вратоврска. Сакам асесоари и доста ги користам, една игла на реверот прави огромна разлика, копчиња за манжетни исто, часовник веќе е „must have".

Има ли формула за успешен Инстаграм профил? Што е потребно за добра фотографија и кој најчесто Ве фотографира?

Немам формула. За мене ова започна како хоби и до ден денес е така. Некако најдов начин да се изразам, а ако покрај другото успевам и да дадам стилска инспирација на моите следбеници се радувам дека е така. Тотално го поддржувам моментот дека случајните фотографии се најдобри. Едни од моите најубави фотографии на ИГ настанале кога не сум се надевал. Најчесто се сликам сам, било тоа да е „selfie" или телефонот поставен на држач ама претежно се сликам сам. По природа сум срамежлив и тремаџија и многу ми е тешко да се опуштам пред објективот на некој друг. Некако мојот телефон ми е побезбедна варијанта.

Кои се Вашите стилски идоли, каде црпите инспирација?

Немам некој идол што би го издвоил, а инспирација црпам буквално од моето секојдневие, ме инспирира Елена Лука, моето семејство, обична прошетка низ град, случајни минувачи и секако Инстаграм.

Кои се Вашите омилени профили на Инстаграм и кој е хаштагот што најмногу го користите?

Ќе почнам од хаштаговите како еден од факторите за популарен профил, ги користам да. Немам некој омилен. најчесто користам комбинација од # зависно од тоа каде сакам да ја позиционирам фотографијата. Најчесто тоа се хаштагови поврзани со мода за мажи, стил како и хаштагови директно поврзани со конкретни парчиња облека како што се #suit , #tie , #shoes.


А што се однесува до профил што посебно го сакам , има неколку, но ете би го спомнал профилот на @davidgandy_oficial кој како лик за мене е многу инспиративен во поглед на стилот. Ќе го спомнам и профилот @menwithclass каде навистина може да се видат фотографии со инспиративна содржина. Сепак Инстаграм изобилува со многу квалитетни профили и тешко е да се издвои "омилен" ете овие први ми паднаа на памет.

Пет кратки совети за нашите читатели, како до беспрекорен gentleman?

1.поседувајте најмалку 2 бели кошули.
2.секогаш имајте уредна и чиста фризура.
3.негувајте ги вашите заби и насмевка.
4.чевлите секогаш нека бидат квалитетни и чисти.
5.користете парфем соодветен на вашата личност и сезона.

Објавено:
22 септември 2016
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
1.840 пати