„Еден ден во животот стигнав до оној момент кога реков дека повеќе нема да сонувам за сопствена колекција, туку ќе ја направам“, со овие зборови почнува едно интервју на сега веќе етаблираната лондонска дизајнерка Иса Арфен.

Од анонимна девојка со лондонска адреса, денеска таа е една од најбараните дизајнерки на новото време со креации обожувани од девојки како Емилија Кларк, Попи Делевињ, Алекса Чанг и уште многу други.

Талентираната Серафина Сама која инаку стои зад брендот Иса Арфен веќе подолго време ги прави најубавите модели со големи набори, слатки карирани принтови, волуменозни ракави и неодоливи колор блок комбинации.

Дизајнерката Сама, која има италијанско потекло, го започнала своето образование како студент на архитектура, бидејќи нејзините родители не ѝ дозволиле да се запише на ниту еден факултет за мода.

Откако успеала да издржи две години на архитектура, таа се префрлила на забрзан курс за мода, по што следела успешна пракса во модни куќи како Марни, Ланван и Марк Џејкобс.

Нејзината прва официјална работа била во Клое, по што малку паузирала за да може целосно да ѝ се посвети на улогата на мајка.

„Желбата да создавам нови парчиња облека никогаш не ми згасна, дури ни додека бев дома со моето малечко. Тогаш работев на неколку проекти и поминав многу време истражувајќи го пазарот, што подоцна ми се исплатеше“, вели дизајнерката.

 Нејзините колекции денеска се изработуваат во Лондон од италијански материјали, а се презентираат во Париз и Њујорк.

„Јас сум заљубена во Њујорк. Им се восхитувам на тамошните девојки за нивното чувство за стил“, додава Сама.

Како што самата ќе каже, она што ја движи напред е огромната љубов кон нејзината работа, а тоа секако се гледа и преку прекрасните шармантни модели во нејзините колекции.

Објавено:
29 март 2016
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
943 пати