Класично машко сако во три женствени комбинации

16 јануари 2014

Класичното машко сако е задолжително парче во женскиот гардеробер. Поради едноставниот крој, лесно се комбинира во различни варијанти соодветни на конкретни ситуации: формален работен состанок, лежерен викенд или клубска забава. Се зависи од синхонизираноста со останатите парчиња од комплетниот аутфит.

 

Формален работен состанок

Во овој случај, црното или тегетното елегантно сако е најсоодветен избор за формалниот работен дрес-код. Тоа не значи дека не смеете да излезете од границите блиски до монотоност, туку напротив под сакото може да облечете едноставна бела маица, а целата комбинација да ја разиграте со женствено здолниште со колоритен принт. Аксесоарите сведете ги на минимум. Може да понесете мала практична чанта, а најдобар избор на чевли би биле со средно висока потпетица и во неутрална боја.

 

Лежерен викенд

Ќе направите неверојатна трансформација доколку сакото го вклопите во спортска варијанта. Патики, припиени црни хеланки и блузон - сосема поинаква слика од онаа на која сме навикнале да го гледаме ова парче облека.

 

Клубска забава

Доколку немате идеја со каков повод пак да го облечете  светкавиот  фустан од новогодишните забави, само комбинирајте го со сакото и ќе добиете посмирена варијанта соодветна за во омилениот ноќен клуб. Драматизирајте со фризурата, направете ситни кадрици, одберете плик чанта во некоја од актуелните метални нијанси и уживајте во забавата!

Објавено:
16 јануари 2014
Категорија: 
Портфолио