Клер Мекардел-прва жена дизајнер со своја етикета во американската модна историја

7 март 2014

Помеѓу амбасадорите на американската мода е и името на Клер Мекардел, чиј дизајнерски опус е насочен кон создавање на функционална и елегантна мода, која ќе биде произведена за широката народна маса. Таа воедно е и првата жена дизајнер која што создала своја етикета.

Европскиот пазар, но и генерално европското тло не ја познава доволно добро оваа дизајнерка, но затоа во Америка во периодот на 40-тите и 50-тите години има огромно влијание промовирајќи го едноставниот и елегантен стил, кој што набрзо ќе стане асоцијација за раѓањето на американскиот изглед. Родена е во Фредерик, Мериленд во 1905 година и важи за една од најголемите дизајнерски икони во светот на модата во Америка. Била ученик во училиштето за дизајн Парсонс во Њујорк, а подоцна се префрла на отсекот за применета уметност каде ги усовршува постулатите на создавање едно уметничко ремек дело и процесот на дизајнирање и илустрација.

Во 1925 година, Клер лета во Париз за да ги одгатне тајните на стилот. По исцрпната истрага за француската мода во тие години, се враќа во САД. Дипломира во 1927 година, а набргу потоа станува асистент на Роберт Турк, кој што е познат по создавањето на ready-to-wear колекции под името „Townley Frocks“. Мекардел работи за Турк се до 1938 година и го дизајнира таканаречениот Монашки фустан (Monastic dress). Станува збор за модел кој има крој на слободен пад, со волуменозен круг, стегнат на половната, без никакви украси, многу едноставен со безживотен изглед. Оригинална и наивна идеја која за краток период преминува во „must have“ парче. Клер при дизајнирањето на модели во преден план ги ставала „обичните“ жени и тргнувала од нивните потреби за удобност, леснотија во движење, претпочитајќи во исто време функционалност, следејќи ги линиите на женското тело.

Во меѓувреме брендот Townley не успева во афирмацијата на модната куќа, па затоа решава да му помогне на својот поранешен соработник и станува партнер во модната компанија, а со тоа го впишува своето име во модната историја како прва жена дизајнер која успеала да регистрира своја сопствена етикета: „Claire McCardell Clothes by Townley“. Нејзина инспирација е американската жена-слободна, модерна, жена која е пред се мајка, сопруга и работничка. Мекардел својата работа ја насочува кон истражување на „сиромашните“ материјали: памук, тексас, лен, транспарентни и лесни ткаенини... Идеја која без сомнение е мошне иновативна и ефикасна, aко се земе во предвид дека тоа е периодот на Втората светска Војна и се што беше „лесно“ достапно, сега не само што не може да се добие, туку и го нема. Во 1942 година Клер го дизајнира првиот „pop over“ фустан, изработен од лен, со елегантен крој, стегнат на половината, со раменици кои паѓаат и широки ракави, закопчан напред со јака на вратот и волуменозен круг.

Креативното производство на Клер нема таргет група тоа ги опфаќа за сите американски жени. Во прилог на своето работно портфолио дизајнерката почнува со креирање и на тексас кошули, костими за капење, панталони во цигара крој, хеланки и јакни со патент и нормално фустани со широко здолниште.

Во 1957 година, Клер сериозно се разболува од болест која што во тоа време немала соодветна дијагноза, па последните месеци од животот ги посветува на креирање на својата последна колекција, која што ја промовира во 1958 година и набрзо потоа умира.

Постхумно дизајнерката добива неколку награди тоа во 1950 година „Women's National Press Award“, во 1953 од страна на галеријата Франк Прлс од Беверли Хилс, во чиј простор се организира и изложба на нејзините колекции. Во 1956 година се објавува и книгата за нејзиниот живот и работа со наслов „What shall i wear“, во 1955 година магазинот „Times“ и ја посветува насловната страна, а во 1990 година списанието „Life“ ја рангира на листата помеѓу 100-те највлијателни жени на дваесеттиот век.

Клер Мекардел се смета за основоположник на американскиот демократски начин на создавање уникатен, современ и женствен стил. Нејзиното животно мото е : „Вистинскиот начин на промоција на модата секогаш е добар начин за преживување.“

Објавено:
7 март 2014
Категорија: 
Портфолио