Која е стилистката на Кејт Мидлтон?

24 април 2018

Веста која денеска е на сите насловни страни и важи за централна по сите светски медиуми, е новиот принц во британското кралско семејство.

Само неколку часа по породувањето, војвотката Кејт Мидлтон заедно со својот сопруг, принцот Вилијам и нивното новороденче, се појавија пред лондонската болница Сент Мери за да ја поздрават јавноста.
Како и претходните два пати, Кејт и овојпат изгледаше беспрекорно, само неколку часа по породувањето. За оваа сентинемтална прилика, беше облечена во црвен фустан со бела, тантелна јака, од британската дизајнерка Џени Пекам, што потсетуваше на аутфитот што принцезата Дијана го носеше при напуштањето на болницата во 1984 година по породувањето со принцот Хари.

Но, кој е одговорен за изборот на облеката што ја носи војвотката, не само во оваа прилика?

Секако дека во нејзиниот личен тим на асистенти, еден од најзначајните е стилистот. Наташа Арчер е „виновникот" одговорен за софистицираниот, елегантен, а сепак модерен стил на Кејт Мидлтон.

Вчера пред да се појави војвотката пред јавноста, фотографите ја забележале стилистката Наташа Арчер како ја напушта болницата, што упатува на тоа дека таа била во најинтимниот круг на луѓе што ја подготвувале Кејт пред првото јавно појавување по породувањето.

Нивната заедничка соработка започнува во 2014 година, кога Кејт ја најмила Наташа како личен стилист и оттогаш е видлива промената во нејзиниот имиџ во кој женствената естетика е во прв план.

Главната цел на стилистката е да постигне изглед што истовремено ќе биде соодветен на нејзината титула и возраст, а покрај тоа шик и модерен.

Стратегијата на Наташа се покажа како успешна, со оглед на тоа дека Кејт Мидлтон важи за една од модните икони на новото време.

Кејт вели дека безрезервно ѝ верува на својата стилистка и на нејзиното изострено стилско чувство и затоа секогаш изборот за тоа што ќе облече за значајни настани ѝ го препушта нејзе.

Пред да одбере стајлинг, Наташа прави истражувања месеци однапред, а парчињата ги нарачува онлајн, независно дали се работи за познати дизајнери или „high street" брендови.

Инаку, Наташа е во брак со Крис Џексон, официјален фотограф на кралското семејство за агенцијата Getty Images.

 

Објавено:
24 април 2018
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
3.801 пати