Pig Hands: Убавината во раритетот е што не секој го поседува

6 јули 2017

Антонио Илиевски и самиот е раритет и таква е уметноста што тој ја креира, а ја потпишува како Pig Hands. Артист кој остава свој печат во уличната култура, исклучително талентиран, ослободен од хендикепот „да му се допаднам на мнозинството". Иако тој самиот ненаметлив, неговата уметност е гласна и борбена.

Од „шкртаниците" во тетратка, уметникот во него пораснал до една вонсериска димензија каде создава свој и препознатлив идентитет. Еднаш годишно издава ексклузивни маички со негов оригинален дизајн, во лимитиран број. Годинава заокружил на 77 и покрај другото, зборуваме и за тоа во интервјуто во продолжение:

Антонио, тие што ја следат или ѝ припаѓаат на алтернативната култура, те препознаваат како Pig Hands. Но, за пошироката јавност кој е Антонио?

-Антонио е Pig Hands и обратно, ако кажам дека Антонио е дипломиран, слободен уметник, ќе ми звучи претенциозно. Не знам како би се опишал, а и нерадо го правам тоа. Ако треба да се претставам најверојатно би рекол цртач.

Она што е прв визуелен впечаток за твојата уметност, е „мрачниот" колорит. Колку „шарена" и богата фантазија треба да има човек за така прецизно и совршено да илустрира мрачни теми?

-Имагинарноста е клучниот дел за да можеш да создадеш или креираш нешто во било која професија, без фантазирање само ќе се повторуваш. Не сакам да си го ограничувам видикот и често од љубопитност знам да гледам, читам, слушам секакви глупости и од секогаш ме интересирале несекојдневните, настрани ствари. Доколку си креативен, ќе можеш да препознаеш во сешто нешто што може да те инспирира и да те потикне да твориш.

Како прогресираше како уметник? Талентот е неоспорен, но дали дарбата што ја поседуваш ја профилираше и во формалното образование?

-Првите контакти со уметност ми се од најрана возраст кога на 5 или 6 години цртав со татко ми. Некаде во основно се роди љубовта кон уличната уметност и единствено сакав да цртам на ѕидови и тоа траеше многу активно низ средно уметничко каде бев опкружен само со графити цртачи. Подоцна кога се запишав на ликовна академија дојде пресвртот кога се ангажирав повеќе околу цртањето и почнав вистински да трошам време на тоа. Едноставно не знам што друго би правел ако не цртам и најверојатно поради тоа сум таму најфокусиран.

За нас обичните лаици, објасни ни какви техники користиш при илустрирањето?

-Најпривлечен медиум за сега ми е туш и пенкало на лист и сите дела ми се истата техника. Има нешто во тоа кога ќе седнеш да црташ и знаеш дека нема простор за грешки, па мора да дадеш максимум. Тоа и се трудам да го направам со секое дело, гледам секоја линија да ми е подобра од претходната.

Кои уметности и артисти те инспирирале/инспирираат во твојот уметнички израз?

-Има многу уметници и артисти кои ме инспирирале во техничка смисла, но од секогаш вистинската инспирација и двигатели на мојата креативност биле најблиските околу мене, другарите и луѓето со кои секојдневно комуницирам. Сум бил со таа среќа да бидам опкружен со креативни луѓе и тие се вистинската причина поради која продолжувам да творам.

Твоите илустрации до сега оставиле печат на омоти за албуми, маички, постери, градски ѕидови... Кажи ни за дел од соработките што до сега си ги имал?

-Сите ми се на свој начин драги бидејќи сите си имаат своја приказна, со сите имам некаква конекција бидејќи доколку не чувствувам поврзаност со музиката, филмот или артистот за кој треба да креирам воопшто не би ни работел. Најдраги ми се проектите каде што сум работел со другарска екипа или пак соработката вродила пријателство и тоа ќе продолжи да трае.

Она што во моментов е актуелно, е твојата нова лимитирана линија маички...

-Покрај ангажманите се трудам да стигнам барем еднаш годишно да го одбележам постоењето на „Pig Hands" и да извадам ексклузивни маички со мој дизајн во лимитиран број. Годинава тоа се 77 парчиња како колаборација со рускиот дизајнер Alexander Stan Shimanov чија е калиграфијата. Убавината во раритет е тоа што знаеш дека не секој ќе го поседува. (Фото: Borislav N.T)

Кои за тебе се урбани херои на твојата генерација?

-Тоа секогаш биле фаци од таа алтернативна, хардкор сцена, а и воопшто луѓе со DIY ( do it yourself) етика. Тоа се луѓе кои сами ги придвижуваат нештата наместо да чекаат од некој нешто.

Следни предизвици...

-Не сакам да зборам предвреме додека не се остварат, но моментално работам на неколку рекорд кавери и филмски постери и тоа ми главна преокупација (покрај секојдневното испраќање пакети). Предизвик ми е да најдам слободно време за одмор :) 

 

Објавено:
6 јули 2017
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
816 пати