Рамет Идризи - млад блогер со страст кон уличната мода

20 април 2017

Социјалните мрежи, а особено Инстаграм, се покажаа како одлична можност, меѓу другото и за себе промоција. Доколку рационално го искористите нивниот потенцијал, тогаш овие платформи може да преминат на ниво кое нуди сериозен простор за заработка или влијание или пак и двете во пакет.

Токму Инстаграм го поттикна младиот скопјанец Рамет Идризи, својата страст кон модата да ја сподели со јавноста преку оваа платформа.

„Првата фотографија на Инстаграм ја објавив во 2015 година, имаше одлични реакции што ме стимулираше сериозно да се посветам, а веќе следната година, го отворив и мојот блог", споделува Рамет.

Вели дека модата е негова секојдневна преокупација и дека обожува да осмислува комбинации преку кои го изразува својот карактер, лични размислувања и ставови.

На прашањето, како би го категоризирал неговиот имиџ, одговара:
„Уличната мода е најблиска до мојот личен стил, но исто така урбани или ретро парчиња сакам да ги комбинирам во класични или кежуал варијанти".

Не крие дека има свои стилски идоли, што дополнително го инспирираат, а меѓу нив ги спомнува и: Канје Вест, Дејвид Бекам, Дејвид Ганди, Адам Галагер...

За во иднина, сонува неговиот блог да добие димензија на професионална преокупација или како алтернатива на ова, неговите амбиции се да работи како моден стилист.

Објавено:
20 април 2017
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
288 пати