Тамара Бакиќ - Манекенката што му кажа „НЕ“ на „Диор“

28 октомври 2016

За неа ќе кажат дека е една од најубавите Југословенки, жена што не се менува, што точно знае што сака и чија убавина не се намалува со годините. Нејзиното име е Тамара Бакиќ и е првиот топ модел во Југославија, титула што ќе ја држи повеќе од две децении.

фото: Зоран Илиќ

Родена е во Сомбор, а има тешко детство, обележано со војна и логор.

-Многу смешно се сеќавам на почетокот на Втората светска војна. Имав своја соба во која имаше и радио. Кога е бомбардиран Белград во 1941 година, го дознав тоа од радиото и го запомнив тој глас. Трепереше гласот, имав чувство дека цело радио се тресе. А вториот момент што го паметам е од логорот. Таму бев сместена со мајка ми и брат ми. Над нас беа Евреи, на кои не им дозволуваа да одат во тоалет. Нас да. Под нас беа татковците, мажите. Една од жените што беше со нас во логорот, беше адвокатка. Таа секој денс се расправаше со Унгарците, бидејќи не бевме нивни државјани како што нè третираа. Успеа во тоа да нè префрлат преку Дунав. Но, тогаш по Дунав веќе пливаа мртви тела. На нас децата, не ни дозволуваа да гледаме. На тоа се сеќавам од приказните што ги слушав. Тоа не го видов. Моето цело семејство беше протерано до Војводина, како и сите што беа интелектуалци, а не се родени таму. Кога излеговме од логорот, отидовме прво во Пазова, а потоа во Белград. Со мене беа моите мама, тато и една наша роднина. И брат ми во количка, беше многу мал. Одевме кај една пријателка на мајка ми. Тоа ми беше многу тажно, но подоцна, во Белград многу убаво се вклопив – открива Бакиќ.

извор: 24sata.rs

Денес има 82 години и сè уште е активна на повеќе полиња. На неодамнешната одржата модна недела во Њујорк, прошета на пистата на ревијата на српскиот дизајнер Бата Спасојевиќ и повторно го привлече вниманието на светските медиуми.

Прв пат настапува во 1958 година на „Саемот за мода“.

-Во светот на модата влегов сосема случајно. Таа ревија ја режираше Бојан Ступица. Јас имав 22 години, бидејќи тогаш не постоеја 15-годишни манекенки како денес. Таа работа најчесто ја имаа студентки во своите 20-ти, и со тоа се занимаваа година до две – објаснува Тамара за српските медиуми.

извор: 24sata.rs

Иако студира право, се занимава со пливање (била и рекордерка по пливање во Србија),  планирала да остане подолго во оваа професија. Свесна дека манекенската работа не е почитувана, дека честопати овие девојки се сметале за проститутки неоправдано, доаѓа на идеја манекенската работа да ја крене на повисоко ниво, со што тоа ќе стане сериозна професија, со подобар хонорар, углед и почит.

-На една ревија во Травник, манекенките се појавија на писта во кратки шорцеви, а жените во публиката ги свртеа главите што побрзо. Затоа јас во 1967 година го основав „Здружението на манекенки“, кое сè уште функционира – раскажува манекенката.

Со помош на ова здружение, манекенките можеа да остварат социјално и пензиско осигурување.

-Успеавме да ги натераме компаниите да ги плаќаат договорите. Беше тешко, но откако почнаа да плаќаат „Центротекстил“, „Југоекспорт“, „Клуз“, „Беко“, мораа и другите. На организаторите тоа не им се допаѓаше бидејќи не можеа веќе да земаат пари од манекенките. Денес повторно не им плаќаат, но за тоа манекените се виновни. Не се борат за своите права. Ние се боревме, секој пат. Секогаш поставуваме свои услови без разлика за кого се работеше – објаснува Бакиќ за српски „Недељник“.

фото од едиторијалот за последната колекција на Бата Спасојевиќ

А на Тамара ѝ се отвораат сите порти, секако со помош на покровителството на големи имиња во тоа време (Олга Дивац, Едвард Кардељ). Почнува да ја освојува и светската модна сцена, а кон крајот на 1960-тите добива понуда од модната куќа „Диор“, да остане во Париз и да работи за нив - нешто за штосонуваат и денешните манекенки.

од ревијата на Спасојевиќ во Њујорк, каде Тамара доби овации на писта

-После ревијата на Александар Јоксимовиќ во Париз, него го повикаа во куќата „Диор“, а и нас со него. За таа пригода облеков црни кадифени панталони и кошула од црногорска носија, бидејќи татко ми е од Црна Гора. Беше везена со златен конец на ракавите и напред, никогаш не сум видела таква добра кошула. Нешто божествено. Преку тоа имав елек, исто така од црно кадифе. Кога влеговме, жените почнаа да ме прашуваат за облеката, што е тоа, од каде сме, кои сме. Тогаш беше актуелна хипи модата, а тоа изгледаше хипи, но и раскошно. Александар го прошетаа низ куќата, а и нас. Убаво доживување. Тие сакаа тој да остане да работи за нив. И ја добивме двајцата понудата да останеме – раскажува Тамара.

Но и двајцата кажуваат „НЕ“.

-Па, во тоа време во Југославија се живееше многу добро. Модната индустрија беше голема. Имавме саеми на мода, се патуваше насекаде, се изложуваше по цел свет, имавме постојано ангажмани и немав некоја силна причина да не останам во мојата земја. Веќе бев доволно позната и од манекенството во тоа време можеше да се живее и тоа фино, што денес не е чест случај. Конкуренцијата е многу голема и остра. Шансите да станат светски познати и да работат со најдобрите се многу мали. Исто така, работат преку 20 години, а стажот не им е поголем од десет  – изјави манекенката во една телевизиска емисија.

Таа додава дека во тоа време постоела и конфекција кога е манекенската професија во прашање. Според неа, еден од главните проблеми било тоа што никому не било јасно како една манекенка треба всушност да изгледа. На аудициите се појавувале многу убави и дотерани девојки, но го немале манекенскиот став. Дел од нив биле фотогенични, но не и за писта. Затоа, Тамара одлучила да ги едуцира и девојките и јавноста.

фото од едиторијалот за последната колекција на Бата Спасојевиќ

Кројачката Дара Спасојевиќ, која работела на париски ревии, ја забележала Тамара на еден кастинг и ѝ го пренела знаењето, а секако и сопственото искуство придонело за подоцна да може да едуцира.

Споредбено со 1960-тите кога таа била популарна, оптималната висина за манекенките била 175, а сега е околу 179см.

-Манекенките денес можете да ги видите во опуштени изданија, без шминка, фризура. Во мое време, од нас се очекуваше секогаш да бидеме средени, што беше по малку заморно, но убаво. Исто така, не сум наклонета кон денешниот тренд на слаби манекенки и императивот за изгладнување, тоа е погрешно – потенцира манекенката која и на 82 години изгледа беспрекорно и дотерано.

И гордо ги носи. Естетската хирургија не била никогаш опција.

фото од едиторијалот за последната колекција на Бата Спасојевиќ

-Не сум тој тип. Ова сè се мои брчки. Во крајна линија, тоа се брчки од насмевки, па да, јас сум оптимист – вели Бакиќ која додава дека секој ден јаде три пати дневно. За појадок дури и сланина, таа ѝ е омилена. Вежба тибетантски вежби и многу пешачи, минимум два километра дневно.

Нејзин совет за денешните девојки кои се занимаваат со оваа работа е да мислат на иднината:

фото од едиторијалот за последната колекција на Бата Спасојевиќ

-Нема да можат засекогаш да живеат од него. Модата денеска се „штанца“, а како се менува модата од секунда во секунда, така се менуваат и лицата кои се бараат. Модата сè повеќе е бизнис, отколку уметност. Ни материјалите што се користат не се квалитетни како некогаш што беа, па дури ниту во светот на високата мода – смета Тамара.

извор: 24sata.rs, „Недењник“, „Plezir magazin

Објавено:
28 октомври 2016
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
2.628 пати