Денеска е светски ден на питата и бројот Пи!

14 март 2017

Ако мислевте денеска да ги израдувате домашните со некој специјален рецепт, тогаш нема подобар избор за тоа од пита!

Денеска е светски ден на питата, но и на ирационалниот реален број Пи кој важи за еден од најупотребуваните во математиката, физиката и инженерството.

Последните неколку години Денот на питата и на бројот Пи премина во глобален фестивал на кој се јадат пити и се решаваат математички задачи со употреба на бројот Пи.

Светот ја слави убавината и совршеноста на формата на питите преку различни рецепти за кои не сте ни знаеле дека постојат и дека можат да бидат толку вкусни.

Покрај овие два празника, денеска во светот се одбележува и роденденот на познатиот светски научник Алберт Ајнштајн, роден 1879 – тата година во Германија.

За да го прославиме Денот на питата, во продолжение ви презентираме еден супер рецепт кој можете да го направите уште вечерва.

Потребно:

580 гр.брашно

250 гр.путер

Една лажица сол

5-6 лажици студена вода

Една лажица шеќер

За фил:

60 гр.путер

Три лажици брашно

125 гр.бел шеќер

125 гр.кафен шеќер

60 мл.вода

Шест јаболки

Цимет

Подготовка:

Исечете го путерот на коцки и ставете го во ладилник на половина час. Во длабок сад помешајте го брашното, солта и шеќерот. Додајте го путерот и мешајте. Во смесата додавајте лажица по лажица од студената вода, додека смесата не почне да се поврзува. Смесата поделете ја на два дела, ставете и малку брашно и оставете ги во ладилник на околу еден час.

Излупете ги јаболките, исечкајте ги на парчиња и ставете им цимет одозгора. Тестото извадете го од ладилник и оставете го на собна температура околу 10 минути, а потоа направете круг од него и ставете го во тепсија.

Стопете го путерот за филот во длабок сад, полека додавајте го брашното и мешајте додека не се растопи. Додадете го и белиот и кафениот шеќер за филот, а потоа и водата. Ставете ги јаболките во истата и мешајте додека сѐ добро не се стопи и соедини и додека јаболките не омекнат и не се карамелизираат. По желба, додајте малку сок од лимон.

Ставете го филот врз тестото во тепсијата или калапот, а од другото тесто направете долги линии за одозгора. Наредете ги преку филот или плетете ги по желба. Со жолчки премачкајте ги само траките.

Печете на 250 степени во претходно загреана рерна, сѐ додека питата не добие златна боја, околу 40 минути.

Добар апетит!

Објавено:
14 март 2017
Категорија: 
Вкусно
Прочитано:
254 пати