Есенски палачинки што морате да ги пробате

7 ноември 2019

Ретко кој не ги сака класичните палачинки, но доколку сакате да пробате нешто ново, а повторно во тој стил, погледнете го рецептов.

Се работи за палачинки во комбинација со малку пире од тиква. Звучи чудно? Можеби, но вкусно е.

Еве што ви е потребно:

-2 јајца

-Околу 250 грама остро брашно

-Околу 150 грама пире од тиква

-3 големи лажици путер

-4 големи лажици шеќер

-малку сол

-околу 120 мл млеко

-2 лажички прашок за пециво

 

Подготовка:

1. Путерот стопете го. Во сад изматете ги јајцата, додадете шеќер, сол, стопениот путер и пирето од тиква, па сè добро промешајте или изматете со миксер. Во брашното додадете го прашокот за пециво, а таа смеса, заедно со млекото, додадете ги во претходната смеса. Ако забележите дека е премногу ретка или густа, по потреба поправете ја со додавање на брашно или млеко. Со црпалка земете од смесата и печете ги палачинките на тава.

Ако сакате, можете да ги полните со чоколадо. На пример, земете од смесата до половина на црпалката и ставете да се пече. Веднаш ставете неколку чоколадни капки, а потоа одозгора ставете ја другата половина од црпалката.

Исто така, палачинките можете да ги збогатите и со зачини. Циметот или морското оревче се идеална комбианција со тиква, па само додадете ги одозгора на готовите палачинки. И сирупот од јавор е супер опција, како и мед. 

Декорирајте со оревчиња, бадеми или нешто друго по ваша желба.


Објавено:
7 ноември 2019
Категорија: 
Вкусно
Прочитано:
330 пати