Освежителна лимонада со кокос за долгото топло лето

15 јуни 2017

Иако деновиве поради обилните дождови времето и не личи на топло лето, тоа не значи дека наскоро нема да можеме да уживаме во една од омилените сезони.

Токму во тие топли денови најпотребни ќе ни бидат освежителните пијалаци кои се лесни за подготовка и кои ги сакаат сите.

Лимонадата секогаш е класика кога се во прашање освежителните летни пијалаци, па и ова лето е една од омилените во малку поинаква верзија.

Дозволете му на организмот хидратација каква што му е потребна на високите температури со овој прекрасен напиток за чија подготовка читате во продолжение.

Потребно:

Сок од исцедени шест лимони

½ шолја сируп (рецепт подолу)

½ пакување кокосова павлака

Четири шолји вода

Состојки за сируп:

Една рендана кора од лимон

Една шолја шеќер

Една шолја вода

Подготовка:

Едната кора од лимонот, потребна за сирупот, изрендајте ја и ставете ја во сад заедно со една шолја шеќер и една шолја вода и чекајте да зоврие на тивок оган. Мешајте додека смесата не се згусне. Оставете сирупот да се излади на страна. Кокосовата павлака ставете ја во блендер и добро измешајте ја. Во големиот бокал од кој ќе ја служите ставете го сокот од лимоните и половина од зготвениот сируп, како и половина од кокосовата павлака. Добро измешајте додека сите состојки не се поврзат. Во бокалот ставете четири шолји вода, а после секоја додадена шолја пробувајте дали сте задоволни со мерката. Остатокот употребете доколку сметате дека не е доволно добра според ваша мерка. Во чаша со мраз, ставете малку од лимонада и украсете со парчиња лимон.

На здравје! 

Објавено:
15 јуни 2017
Категорија: 
Вкусно
Прочитано:
398 пати