Пита од тиква на американски начин

7 ноември 2017

Есен е, а тоа значи дека е сезона на тикви. Ако веќе ви е здосадено од класичната пита од тиква со кори, иако се сомневаме дека тоа може да се случи, ние денеска ќе ви презентираме еден поинаков, а лесен рецепт.

Се работи исто така за пита од тиква, но на начин на кој американците ја прават. Всушност, се работи за варијанта на тарт, која не е многу скапа, а вкусна е.

Се надеваме дека ќе ве поттикнеме да пробате нешто ново, доколку тоа до сега не сте го пробале.

Во продолжение следи рецептот и начинот на подготовка:

Потребни состојки:

Тесто:

-брашно (остро)  - 250 гр.

-путер – 100 гр.

-шеќер во прав – ½ лажичка

-јајце

-јаболков оцет – 2 лажици

 

Крем:

-тиква – 700 гр.

-павлака/цврст јогурт – 120 гр.

-млеко – 120 мл.

-кафеав шеќер – 170 гр.

-цимет во прав – ½ лажичка

-ѓумбир во прав – прстофат

-јајца - 3

 

Подготовка:

1.Во сад го просејувате острото брашно, а потоа го додавате шеќерот во прав, со прстофат сол и путерот исечкан на коцки. Сето тоа го месите со прсти, додека не се создаде компактна маса, односно тесто да добие изглед на издробени трошки.

2.Во таа смеса додаваме едно јајце и јаболков оцет и сè заедно се меша со лажица или лопатка. По потреба се додава вода, па тестото рачно се меси и обликува во топка. Потоа, тоа се завиткува во проѕирна фолија и се става во фрижидер, да отскои околу 30 минути.

3.Во меѓувреме го подготвувате кремот. Тиквата исчистете ја и исечкајте ја на коцки. Потоа, ставете во тенџере со дебело дно, во кое ќе додадете 100 мл вода. Затворете го и варете на тивок оган околу 15-тина минути, односно додека тиквата не омекне.

4.Сварената тиква процедете ја и ставете ја во друг сад. Во тој сад додадете ја павлаката или цврстиот јогур, кафениот шеќер, циметот во прав, ѓумбирот во прав и трите јајца. Сè добро измешајте додека смесата не стане компактна.

5.На даска на која претходно сте наросиле брашно, ставете го тестото и расукајте го, да биде со дебелина од пола сантиметар и нешто пошироко од големината на садот за печење.

6.Тестото потоа префрлете го во садот за печење (оние за тарт се идеални), а вишокот го отранувате. Потоа, тестото со вилушка „избодете“ го по дното и во него ставете го кремот од тиквата.

7. Ставете во загреана рерна и печете околу еден час на 180 степени.

8. По желба декорирајте со шлаг или слатка павлата одозгора.

Објавено:
7 ноември 2017
Категорија: 
Вкусно
Прочитано:
1.324 пати